На денешен ден е роден Славе Димитров – авторот на „Чија си“, песната на милениумот што ја обележа македонската музика
На денешен ден, 1 јуни, роденден слави еден од најзначајните творци на македонската забавна и популарна музика – композиторот, пејач, аранжер и музички продуцент Славе Димитров. Роден во Битола во 1946 година, Димитров е уметник чие име со златни букви е врежано во историјата на македонската музика и култура.
Препорачано
Од неговите први музички чекори во родната Битола, преку студентските денови на Музичката академија во Белград каде што нижеше југословенски успеси и награди, па сè до неговата плодна кариера во Скопје, тој остави неизбришлив белег на сцената.
Повеќе од две децении Славе Димитров работеше како музички продуцент во Радио Скопје, каде зад себе остави илјадници музички снимки од сите жанрови, соработувајќи со речиси сите актуелни македонски изведувачи, рок и џез состави. Овие снимки денес се сметаат за бесценето национално културно наследство.
Сепак, неговиот најголем личен печат во антологијата на македонската забавна музика се случи во далечната 1971 година на „Скопскиот фестивал“, кога за првпат беше изведена неговата легендарна композиција „Чија си“. Песната која доживеа безброј преработки кај нас и во странство, во неколку официјални анкети беше прогласена за „песна на милениумот“, а нејзината безвременска романтика инспирираше дури и театарски претстави.
Неговиот композиторски опус е ризница на вечни хитови кои ги пеат многу генерации: „Нежност“, „Има една мома“, „Тивко тивко“, „Дали да ти пријдам“, „Момчето со мандолина“, „Есенска роза“ и многу други. Покрај тоа, неговиот потпис стои зад музиката на култните македонски филмови, драми и ТВ-серии, меѓу кои и незаборавните „Исправи се, Делфина“ и детската серија „Опстанок“.
Димитров одигра клучна улога и во воспоставувањето, дизајнирањето и етаблирањето на најпознатиот македонски фестивал „Макфест“, за што во 1990 година ја доби и ноемвриската награда на градот Штип.
Она што го прави вистински визионер е фактот што тој беше меѓу првите во Македонија кој го воведе компјутерот како алатка во процесот на создавање музика. На тој дигитален пат со огромен успех се надоврзаа и неговите синови, Оливер и Дарко Димитров, кои денес се едни од највпечатливите композитори и продуценти на Балканот, продолжувајќи ја семејната музичка лоза на највисоко ниво.
Димитров имаше и историска улога во заштитата на македонската музика преку воведувањето на музичките квоти во Законот за радиодифузна дејност, како и во воспоставувањето на Здружението за колективна заштита на изведувачките сродни права „Комип“.
Музичката историја на Македонија немаше да биде иста без неговата креативност и професионализам.


