На денешен ден е починат Џорџ Орвел: Дали славниот пистел ја украл идејата за романот „1984“ од својата сопруга?
Авторката на биографијата „Ајлин: создавањето на Орвел“, Силвија Топ, вели дека се забележува нова страст во пишувањето на Орвел откако ја запознал својата сопруга, иако никој никогаш не ѝ го припишал тоа.
На денешен ден во 1950 година починал легендарниот писател и новинар Џорџ Орвел, на само 46-годишна возраст. Орвел е најпознат по неговата алегориска новела „Животинска фарма“ и дистопискиот роман „1984“. Неговите дела се карактеризираат со јасна проза, социјална критика, спротивставување на тоталитаризам и поддршка на демократскиот социјализам.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Најголемиот дел од неговата последна книга „1984“ ја напишал во болница, пред крајот на својот живот. Но, од каде поттекнува идејата за овој култен роман?
Во далечната 1934 година, во списанието на средното училиште „Сандерленд Черч“ се појавила поема напишана од една од поранешните ученички, Ајлин Мод О’Шогнеси, насловена „Крај на векот, 1984“, објави „Дејли мејл“.

Поемата предвидува мрачна блиска иднина во која учениците, веќе немаат потреба од книги затоа што „го знаат тоа што треба да го знаат“, што доведува до „ментална кремација“.
Една година по пишувањето на таа песна, убавата Ајлин ќе се запознае со Џорџ Орвел на забава во стан во лондонскиот Хемпстед. Орвел изјавил дека сака жена токму како нејзе и, само неколку недели подоцна, тој ѝ предложил брак. Во овој период, тој бил толку сиромашен што можел да купи само евтин прстен од „Вулвортс“.
Поемата на Ајлин повторно е откриена дури во 2001 година. Авторката на биографијата „Ајлин: создавањето на Орвел“, Силвија Топ, пишува дека токму оваа поема го посеала семето на дистопијата „1984“ во умот на Орвел, свет каде што мислите на едно контролирано општество се пропишани од Големиот брат.
Топ додава дека благодарение на Ајлин, прозата на Орвел добила нов жар и духовитост. Многу критичари забележале нова страст во неговото пишување откако ја запознал Ајлин, иако никој никогаш не ѝ го припишал тоа.
Нивниот брак траел девет години, целосно пред Орвел да биде познат. И тој и Ајлин се бореле целиот живот да докажат дека можат да се пробијат и да преживеат самостојно.
Од нив двајца, само Ајлин имала универзитетска диплома, од колеџот „Сент Хју“ во Оксфорд и студирала магистерски студии по психологија во Лондон кога го запознала Орвел, по што се откажала од студиите и го посветила својот живот на тоа да биде негова помошничка и дактилографка. Орвел, пак, во периодот пред нивиот брак, го напуштил Итон за да биде полицаец во Бурма, каде што, со слуги кои правеле сè за него, тој стекнал невкусни и мрзеливи навики.
Во 1936 година Орвел исчезнал во Шпанија за да се бори за Републиканската армија. Кратко потоа, и Ајлин заминала таму. Таа се вработила како секретарка на претставникот на Независната лабуристичка партија во Барселона, работа која многу ѝ се допаднала.
Покрај сите каранци меѓу нив двајца, постои вистинско чувство дека станува збор за две сродни души кои постојано го стимулирале меѓусебното друштво. Орвел се восхитувал на високообразованиот ум на Ајлин. Тие се „разгорувале“ еден со друг, одржувајќи „весела војна“ на зборови.
Во мај 1944 година, двојката посвоила бебе, Ричард. Кратко потоа, Орвел заминал во Париз како воен дописник, додека Ајлин, болна и сè послаба, заедно со својот син, се преселила кај нејзината снаа.
Ајлин починала од срцева слабост под анестезија, на 39-годишна возраст. Орвел живеел само уште пет години, умирајќи само неколку месеци откако се оженил со својата втора сопруга, Соња.
Делата на Орвел остануваат релевантни и ден-денес.
„Животинска фарма“: Прочуената политичка сатира на Џорџ Орвел добива своја игра!


