На денешен ден – 25 април

на денешен ден
На денешен ден / Фото: Инстаграм

1191.- Почна зографирањето на црквата “Свети Ѓорѓи” во селото Курбиново, Ресенско. На 19 октомври 1991 година е одбележана 800-годишнината од животописувањето на црквата.

1284.- Роден е англискиот крал Едвард II. Неговото владеење од 1307 до 1327 година беше проследено со низа воени порази во Шкотска, посебно во 1314 година во битката кај Банокберн. Пред стапувањето на престолот, во 1301 година стана првиот принц од Велс. Во септември 1327 година во замокот Беркли беше убиен од неговата сопруга Изабела од Франција и нејзиниот љубовник Роџер де Мортимер. Љубовникот на кралицата потоа владееше во име на престолонаследникот Едвард III, од кој во 1330 година беше затворен и убиен.

1595.- Во Рим умре Торквато Тасо, италијански поет. Живееше во времето на ренесансата, а во својот богат опус се обидуваше да ги изрази моралните дилеми на своето време, да го фиксира судирот меѓу доброто и злото, меѓу пороците и добрите особини. Најпознати негови дела се “Ослободениот Ерусалим”, “Аминта” и “Ротерисмондо”. Роден е во Соренто, на 11 март 1544 година.

1599.- Роден е водачот на Англиската револуција Оливер Кромвел. Неговата војска во 1644 година кај Марстон Мура ја порази кралската армија, а во 1645 кај Незби го зароби кралот Чарлс I. Кралот беше осуден на смрт и погубен во 1649 година. Одбивајќи ја титулата крал, Кромвел во 1653 година стана протектор во Англија, Шкотска и Ирска. Две години по неговата смрт во 1658 година монархијата беше обновена. Периодот на република во историјата на Англија остана запаметен како време на стравовладение.

1744.- Умре Андерс Целзиус, шведски физичар и астроном. Тој ја воведе поделбата на 100 степени на термометарската скала, Целзиусова скала. Во 1736 година, учествуваше во експедицијата која ги измери лаковите на мередијаните, прв го забележа дејството на поларната светлина врз магнетната игла и со сопствени средства ја изгради опсерваторијата во родниот град Упсала. Роден е на 27 ноември 1701 година.

1792.- Погубен е друмскиот разбојник Жак Пелетје на плоштдот Де Грев во Париз, кога за првпат во Франција беше употребена гилотина која во Италија беше позната уште во 13. век, а подоцна во средниот век и во Шкотска, Англија и во Германија.

1859.- Според проектот на францускиот конзул во Александрија Фердинант Лесепс, започна изградбата на Суецкиот канал, со кој Средоземното Море е поврзано со Црвеното Море. Каналот има големо стратегиско и економско значење, затоа што е најкраток пловен пат од Европа до земјите на Средниот и Далечниот Исток.

1874.- Роден е Џиљелмо Маркони, италијански инженер и пронаоѓач, еден од основачите на бежичната телеграфија. Тој прв успеа да го предаде сигналот преку Атланскиот Океан во 1901 година. Умре во 1937 година.

1898.- Американскиот конгрес и објави војна на Шпанија, следниот ден откако Мадрид му објави непријателство на Вашингтон. На тоа му претходеше американскиот ултиматум со кој Шпанија требаше да се повлече од Куба. Побројната и подобро опремена американска војска и морнарица брзо ја поразија Шпанија, а САД со мировен договор ги приграбија шпанските поседи во Куба, Филипини, Порторико и Гуама. Куба формално стана независна, додека поранешните шпански поседи станаа зависни од САД. Порторико и Гуама и денеска се поседи на САД.

1918.- Родена е американската пејачка Ела Фицџералд, некрунисаната „кралица на џезот“. Прочуена е по „скат“ дијалозите со големите џез музичари како што се Луис Амстронг, Дјук Елингтон и Каунт Бејзи.

1920.- Полската војска навлезе во Украина и на 6 мај истата година го зазеде Киев. Со мирот во Рига на 12 март 1921 година Полска од Советска Русија ги доби териториите во кои се населија повеќе од еден милион Украинци и Белоруси.

1928.- Умре рускиот генерал барон Петар Николајевич Врангел, еден од најзначајните белогардиски команданти, кој по Октомвриската револуција се бореше во Украина против советската власт. По поразот во ноември во 1920 година кога Црвената армија го зазеде упориштето на Перекоп ја напушти Русија. Погребен е, по сопствена желба, во Руската црква во Белград.

1943.- Умре Владимир Иванович Немирович – Данченко, руски театарски режисер и писател. Заедно со Станиславски, во 1898 година го основа Московскиот художествен театар, најдобриот руски театар и еден од најдобрите реалистични театри во светот. Роден е во 1853 година.

1945.- Во Сан Франциско, САД, почна основачката конференција на Организацијата на обединетите нации, во чија работа учествуваа 45 земји, членки на антихитлеровската коалиција. Право на учество имаа земјите кои до 1 март 1945 година им објавија војна на силите на Оската. Учесниците на конференцијата ја потпишаа Повелбата на ООН на 20 јуни, а ја ратификуваа на 24 октомври 1945 година (Ден на ООН).

1945.- Советските и американските трупи за првпат во Втората светска војна се сретнаа кај местото Торга во Германија. Беа тоа единиците на Првиот украински фронт и Првата американска армија. Два дена подоцна на западниот брег на Лабе се состанаа командите на 58 советска гардиска и 69 американска армија.

1960.- Во Битола е основано Друштвото за наука и уметност. Друштвото е основано со цел да го потикнува развојот на научната мисла, да го проучува минатото, да извршува истражување и унапредување на сите области во развојот на градот и околината.

1971.- Во Вашингтон околу 200.000 луѓе демонстрираа против Виетнамската војна.

1974.- Во Поргугалија со државен удар, познат како „Револуција на каранфилите“, со акција на вооружените сили без пролеваање крв е соборен автократскиот режим на Марсел Катано. Со тоа беше окончан периодот од 48 години диктатура кој ја втемели Антонио Салазар. Власта ја презеде Хунтата на националиот спас на генералот Антонио Рибеиро де Спиноле, која на португалските колонии им го призна правото на самоопределување, по повеќедеценискиот вооружен судир.

1975.- Во Поргугалија на првите слободни избори по половина век победи Социјалистичката партија на Марио Соаресо.

1979.- Во Битола е прогласено основањето на вториот Универзитет во СР Македонија. На 13 јуни 1993 година Собранието на Универзитетот во Битола донесе одлука од 30 јуни Универзитетот да се вика “Свети Климент Охридски”.

1980.- Мисијата на американските командоси, која во Техеран требаше да ги спаси 53 членови на амбасадата на САД (заложници), пропадна во иранската пустина, по загинувањето на осум Американци во судирот на хеликоптер со авион.

1980.- Данскиот „Боинг 727“ кој со чартер-лет превезуваше британски туристи на линијата Манчестер – Тенерифе, удри во планина околу 30 километри јужно од аеродромот „Лос Родеос“. Во несреќата згинаа сите 146 патници и членови на екипажот.

1982.- Последните израелски војници го напуштија Синај ставајќи и крај на 15-годишната окупација на тој египетски полуостров.

1986.- Се случи хаварија на нуклеарната централа во Чернобил, Украина во СССР. Беа озрачени неколку илјади луѓе.

1991.- Пленимут на Комунистичката партија на Советскиот сојуз одлучи Михаил Горбачов и натаму да ја предводи партијата иако по повеќечасовната остра критика понуди оставка.

1993.- На референдум во Русија 62 отсто од гласачите ги подржаа реформите на претседателот Борис Елцин.

1995.- Умре американската театарска и филмска актерка Џинџер Роџерс, која светската слава ја стекна како партнерка на Фред Астер во многу романтични мјузикли, со елегантни и пријатни нумери. Филмови: „Свиреж во ноќта“, „Весел развод“, „Полноќна ѕвезда“, „Сакаме ли да танцуваме“, „Приказна за Верон и Ирена Кастл“, „Кити Фоил“ (Оскар), „Мајор и Малена“, „Роберта“.

1995.- Во Скопје умре Јово Камберски, макeдонски писател. Тој ги напиша романите “Пресуда”, “Колона”, “Пресметка” и “Празник” и книгите раскази “Виденија” и “Траги”. Роден е во Гевгелија, на 11 јануари 1923 година.

1996.- Република Македонија и Хондурас воспоставија дипломатски односи на ниво на амбасади.

2001.- Полицијата го уапси поранешниот филипински претседател Џозеф Естрад, обвинет за грабеж, претходно истерувајќи ги стотиците негови приврзеници пред неговата куќа во Манила.

2002.- Русија соопшти дека нејзините сили го ликвидирале арапскиот исламски терорист Хатаб, еден од предводниците на чеченските сепаратисти, осомничен за поврзаност со мрежата на Ал Каида на Осама бин Ладен.

2005.- Во железничка несреќа во јапонскиот град Амагасаки загинаа 107 лица, а повредени беа 460, кога воз излета од шините и удри во станбена зграда.

2011.- На Гумење во Крушево за посетителите е отворена Спомен-куќата на Тоше, во која над 350 автентични експонати ќе раскажуваат за детството, тинејџерските години, врвот на кариерата и вербата и хуманоста на најголемата македонска музичка ѕвезда. Спомен-куќата се простира на околу 870 метри квадратни во форма на крст, изградена од бетон и стакло според проектот на архитектите Дејан Секуловски и Дејан Спасеновски, во соработка со Илија Божиновски. 

2012.- Умре Таса Илиевска, учесник во НОВ и носител на партизанска споменица од 1941 година.

2014.- По кусо боледување на 66 години почина проф. д-р Миладин Крстаноски, истакнат професор на ФТУ и доктор по правни науки. Крстаноски беше добитник на Климентова награда – награда за животно дело во 2008 година. Во неговиот работен век има работено во „Отекс” Охрид, бил секретар во печатница “Коста Абрашевиќ” од Охрид, директор на општ сектор во фабриката, „Борис Кидрич” во Струга, секретар на ГП „Трудбеник” во Охрид, претседател на Судот за прекршоци – Охрид, Општествен правобранител на самоуправувањето–Охрид и директор на Казнено-поправната установа–Затвор Охрид. Во 1995 година е избран за професор на Факултет за туризам и угостителство – Охрид по група на правни предмети на сите насоки каде работеше со звање редовен професор. Проф. д-р Миладин Крстаноски е автор на 50 книги од областа на правото и повеќе од сто научни и стручни трудови објавени во земјата и странство. Крстаноски досега објавувал и повеќе статии во „Млад борец”, „Студентски збор”, „Нова Македонија”, „Дневник”, „Пулс”, „Фокус” и др.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот