Нѐ научи да го слушаме своето срце, музиката на Мери Фредриксон ќе живее вечно

Згасна симболот на едно време, Мери Фредриксон, „најголемата ѕвезда на деведесеттите години“, како што ја нарекуваат оние кои пораснале со нејзините песни, повеќе не е меѓу нас.

Пејачката на шведската поп-рок групата „Роксет“ почина вчера, на 61-годишна возраст, по цели 17 години тешка борба со туморот во мозокот.

Болеста на крај излезе како победник, но Мери речиси две децении „машки“ се бореше, а притоа токму во периодот на најтешката битка, може да се пофали со неколку соло албуми, како и со многубројни настапи, кога и покрај здравствените проблеми излегуваше ведра и насмеана на сцена.

Шведската поп-рок икона никогаш нема да биде заборавена, порасната со музиката на „Битлси“, Џими Хендрикс и „Дип Парпл“, харизматичната Мери во далечната 1986 година се реши да го збогати музичкиот репертоар со уште едно „делче“, за сложувалката на музиката од осумдесеттите и деведесеттите години да биде комплетирана.

Со групата „Роксет“ ги испеа најголемите хитови, ја покажа целата своја емоција и страст кон музиката. Мери зад себе остави многу повеќе од еден евергрин по кој ќе ја паметиме, но песните како „It must have been love“ и „Listen to your heart“, во вистинска смисла го отсликуваат нејзиниот карактер.

Посебно преку овие две музички ремек дела, но и со уште неколку одлични балади, Мери нѐ научи „да го слушаме своето срце“. Во времето кога на музичката сцена владееја машките вокали, се дрзна да му покаже на светот како се пее од срце, за на крај и да успее. Допре длабоко до многу луѓе, достигна светска слава и зад себе остави многу спомени и моменти кои нема да се заборават.

Наголемото признание за својата неверојатна работа во музиката го доби токму со „It must have been love“, песната која стана глобален хит, кога нумерата беше искористена за мегапопуларниот филм со Ричард Гир и Џулија Робертс – „Pretty Woman“.

Шармантна, згодна и секогаш насмеана, таква ќе ја паметиме Мери, која со својата препознатлива куса руса коса и уникатен стајлинг, остави длабок печат и во светот на модата.

Позираше за многу магазини, секогаш знаеше да го привлече вниманието со својата облека, а во многу наврати нејзини пријатели изјавуваа дека плакарот на Мери бил како моден музеј, полн со фантастични парчиња кои ја опишуваат нејзината личност.

Тесни фармерки, кожени панталони, комбинирани со впечатливи јакни, се модните парчиња кои беа нејзин заштитен знак.

Мери беше и останува да биде како музичка лектира без крај, а иако никогаш повеќе нема да можеме да се радуваме на нејзини нови песни и настапи во живо, хитовите кои ги остави зад себе ќе останат вечно да не инспирираат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот