МЗТ уште еднаш ја потврди доминацијата во македонската кошарка
Уште едно, одлично, колективно издание на кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром, доволно за висока победа над домаќинот МКК Куманово (96:70) во куп финалето. По четврти пат по ред, а вкупно 14. во историјата, МЗТ е освојувач на националниот Куп „Благоја Георгиевски-Буштур“.
Куманово +26
Препорачано
Со двете тројки на искусниот Крстевски, МЗТ Скопје Аеродром се одвои на 26:19 во самиот финиш на првиот период. Десет минути кои поминаа во израмнета игра, во која сепак, двата точни обиди на искусното крило на „металците“ ја донесоа таа сосема солидна предност за тимот кој ја брани титулата, а во кој Гил собра осум поени во тој прв период.

Капитенот на скопските „сино-бели“, Дамјан Стојановски со тројка, донесе „плус 10“ за екипата фаворит (29:19) на почетокот на втората четвртина. Имаше гостинската екипа и повисоки 32:19 по поентирањето на Смит Мексвејн. И тука не застанаа „сино-белите“, на половина од тој дел од финалето, МЗТ се одвои на 40:24. Знак за тренерот на МКК Куманово, Марин Докузовски да повиика тајм-аут. Немаше промени во играта на домашната екипа која се потешко го пронаоѓаше патот до кошот на противникот.
А гостите казнуваа, имаа и 44:25, кога се играше 18 минута од финалето. Ѓуроски додаде шест поени, по што МКК Куманово се доближи на 33:46, за полувремето да биде затворено со резултат 48:33. Во првите четири минути од второто полувреме, бранителот на пехарот притисна уште посилно. Направи серија од 14:4, доволна да се одвои на скоро недостижни 62:37.

Имаше и уште повисоки 72:45, но во последните две минути кумановци со мини-серија од 8:2, дојде до 53:73. Продолжи домашната екипа да ја топи високата негатива, на почетокот на последната четвртина, намали на 60:76. Но тој налет, со тројка, го одби Смит Мексвејн, за повисоки 79:60, во 33 минута од финалето.
Кај ново-стариот освојувач на Купот, неколку играчи со двоен број на поени во финалето. Смит Мексвејн даде 19 поени, Гил имаше 17, Магдевски постигна 12, но репрезентативниот бек на МЗТ Скопје, имаше и осум скока, шест асистенции, и пет освоени топки.
Луковиќ заврши со 13 поени и седум скока, а ист број на поени за МКК Куманово дојдоа од Ѓуроски и Митевски.


