МЗТ Скопје Аеродром ќе биде домаќин на завршниот турнир во АБА2 лигата

МЗТ има шанса повторно да биде дел од јадранската кошаркарска елита/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Првата битка на патот кон влез во елитната јадранска конкуренција е добиена, откако првите луѓе на ова натпреварување денеска на МЗТ Скопје Аеродром му ја доделија организацијата на завршниот турнир од НЛБ АБА2-лигата, кој од 13 до 17 април 2022 година ќе се одржи во салата „Јане Сандански“ – Скопје.

– Ова е голема обврска и чест за нашиот клуб, но истовремено и огромна шанса на домашен терен и со голема поддршка од трибините да се направи конечниот исчекор кон враќање меѓу најдобрите тимови во регионот. Аеродром и нашиот клуб ја добија пресметката со Сараево, кој исто така беше максимално заинтересиран и беше сериозен конкурент во битката за улогата домаќин на најдобрите осум тима во НЛБ АБА2-лигата – соопштија од КК МЗТ Скопје Аеродром.

Кои екипи ќе се појават на фајналејт-турнирот во Скопје ќе се знае кон крајот на месецов, по одигрување на последниот турнир од регуларниот дел од сезоната во босанскиот град Широки (21-27 март).

МЗТ Скопје на овој „балон“ влегува како второпласиран на табелата со скор 8-2, а до крајот ќе ги одмери силите против Широки (22.03), Борац Бања Лука (25.03) и против Златибор (27.03).

Најдобрите осум на турнирот во „Јане Сандански“ ќе играат на еден меч (не на два како лани) по кој победникот оди понатаму, а поразениот си заминува дома. Крајниот победник директно ќе се пласира во Адмирал бет АБА-лигата, додека финалистот ќе игра бараж со претпоследниот во ова натпреварување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот