Сајбер криминал во Тетовско — двајца „мозоци“ продавале крадени податоци
Полицијата открила нелегален онлајн пазар во Голема Речица кој според информациите постоел од 2023 година. Во акцијата уапсени се главните администратори, а одземени се и лаптопи и телефони.
Препорачано
Според информациите, уапсените продавале украдени податоци од луѓе и од онлајн продавници, а профитот надминувал 500.000 американски долари.
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи, информациите ги добил од ФБИ, по што била спроведена заедничка координирана истрага поврзана со нелегален онлајн пазар познат како „OLVX“.
Според обезбедените сознанија, онлајн пазарот функционирал преку повеќе интернет домени и содржел детална база на компромитирани лични податоци за регистрација на сметки на клиенти и продавачи, при што биле евидентирани над 2.600 кориснички сметки и над 1.500 сметки на продавачи.
„Во рамки на постапката, а врз основа на судска наредба издадена од Основен суд Тетово, извршен е претрес на територија на Општина Тетово, с. Голема Речица кај осомничените А.Е. (20) и А.И. (23), македонски државјани, за кои постојат основани сомненија дека се администратори на наведениот онлајн пазар. За време на извршување на претресот тие се затекнати на лице место во вршење на кривично дело за кое се сомничат и при тоа се одземени десктоп компјутери, лаптоп компјутери и телефони кои ќе бидат предмет на понатамошна форензичка анализа и ќе послужат како доказ во кривичната постапка, а лицата се лишени од слобода“ се додава во соопштението.
Оттаму посочуваат дека секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на случајот, во насока на идентификација на сите инволвирани лица и обезбедување на релевантни докази, согласно важечките законски прописи.


