Мултимедијалниот фестивал „Артерија“ ќе ги поврзува различните културни домени и тенденции

Издавачката куќа „Бегемот“, покрај реализацијата на својата книжевна продукција, со фестивалот „Артерија / Арт ареа“ веќе пет години цели кон создавање платформа за вмрежување на авторите, на делата и на читателската јавност.

Мултимедијалниот фестивал „Артерија / Арт ареа #5“ цели кон воспоставување жива платформа за поврзување меѓу авторите во различните културни домени и тенденции, спојувајќи ги во богата културна програма за време на, овој пат, шест фестивалски дена, но и фацилитирајќи ја нивната понатамошна соработка на конкретни интермедијални проекти. Истовремено, програмата сака да овозможи средба и спојување на сегментираната публика што ја генерираат прилично атомизираните области на културата.

Новото издание на фестивалот „Арт ареа“, поради пандемиските услови, ќе се одржи во период од шест дена, кога наместо во традиционалните три дена со згуснат распоред, во текот на шест разложени денови ќе се одржат девет книжевни промоции, почнувајќи од промоцијата на „Утрото на бессоните“ од Андреј Ал-Асади на 14 септември, потоа ќе следува промоцијата на постхумното издание на книгата есеи „Интелектуалци, политика, култура“ од скопската легенда Данило Коцевски на 15 септември.

Редоследно ќе следуваат промоцијата на книгата „Во кратки црти“ од Сања Михајловиќ – Костадиновска, промоцијата на книгата за деца „Розевата планета“ од Мирко Попов (текст) и Нита Муча (илустрации), а во издание на „Чудна шума“, на збирката раскази „Престапни години“ од Оливера Ќорвезироска, книгата за деца „Кртот Ѕвездан“ од Николина Андова-Шопова и Наталија Лукомска, книгата „Стрип – деветтата уметност“ од Томислав Османли.

За првпат на фестивалот „Арт ареа“, планирано е гостување на едни од најважните современи автори во регионов, Миљенко Јерговиќ (БиХ) и Алек Попов (Бугарија). Со нивното учество ќе бидат промовирани новите преводи на книгите „Иншала, Мадона, иншала“ и „Митологија на транзицијата“. Нивните книги се објавени со поддршка од „Креативна Европа“ и Министерството за култура на РСМ.

Петтото издание на фестивалот, исто така за првпат, ќе му даде фокус на стрипот како медиум, а по тој повод ќе се одржи промоција на книгата „Стрип – деветтата уметност“ од Томислав Османли на последниот фестивалски ден (19.9.), кога целиот ден ќе му биде посветен на стрипот со одржување мала продажна изложба на стрипови, стрип-работилница, а сето тоа ќе биде проследено и со изложба на стрип-табли од македонски стрип-автори, и вечерта ќе биде затворена со два кратки анимирани филмови од македонски автори.

Сите активности ќе се одржат во кафе-книжарницата „Буква“ со почитување на здравствените протоколи за одржување културни настани во време на пандемија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 96, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 11-12 септември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот