Фото: Тимчо Муцунски / Фејсбук

Муцунски на средба со Шакалиев: Економската размена меѓу Македонија и Казахстан не е на ниво, тоа мора заеднички да го решиме

Министерот за трговија и интеграции на Казахстан, Арман Шакалиев престојува во официјална посета на земјата, а домаќин му беше македонскиот колега Тимчо Муцунски, со кого на заедничка прес-конференција најавија засилена економската соработка и трговската размена меѓу Македонија и Казахстан.

За таа цел, на вториот Македонско-казахстански бизнис-форум во Скопје беа потпишани два документи, кои, како што најави Муцунски, ќе дадат нов импулс на соработката меѓу бизнис-заедниците и ќе придонесат за зголемување на трговската размена.

„Оваа посета е јасен сигнал за заедничката подготвеност за продлабочување на економската соработка и унапредување на севкупните билатерални односи. Во разговорите отворено констатиравме дека сегашното ниво на економска размена не го одразува реалниот потенцијал меѓу двете земји. Но исто така се согласивме дека постојат конкретни и достижни можности тој јаз да го затвориме во периодот што следува“, рече Муцунски.

Муцунски информираше дека разговарале за одржување на втората седница на Заедничката македонско-казахстанска комисија за трговска и економска соработка во Астана, како важен чекор за „поинтензивна и пофокусирана економска динамика“.

„Паралелно, останува наша заедничка задача да ги надминеме предизвиците поврзани со географската оддалеченост преку зајакнување на директната комуникација меѓу компаниите и стопанските комори, како и преку поактивна организација на бизнис-форуми, саеми и промотивни активности, вклучително и во областа на културата и туризмот“, рече Муцунски.

Според него, создавањето предвидлива и конкурентна деловна клима и привлекувањето странски инвестиции остануваат врвен приоритет на Владата.

„Во таа насока остануваме отворени за казахстански инвеститори како во технолошко-индустриските развојни зони така и пошироко, во согласност со нивните инвестициски интереси“, заклучи Муцунски.

Шакалиев, од своја страна, рече дека Казахстан и Северна Македонија продолжуваат постојано да ги зајакнуваат билатералните односи ставајќи особен акцент на развојот на трговската, економската и инвестиционата соработка.

„Казахстанската делегација, којашто ја сочинуваат претставници на деловната заедница, агроиндустрискиот сектор и академската заедница, пристигна денес во Северна Македонија како дел од трговската и економската мисија на нашата земја. Главната цел ни е да ја зголемиме билатералната трговија, да ги прошириме деловните контакти и да воспоставиме конкретни области на соработка“, истакна Шакалиев.

Тој нагласи дека Казахстан активно го развива својот транспортен и логистички сектор, гради одржливи патишта меѓу Азија и Европа.

„Клучна улога во тој процес игра Транскаспискиот меѓународен транспортен пат, односно Средниот коридор, кој ја обликува новата конфигурација на евроазиската трговија. Во тој контекст, Северна Македонија се гледа како ветувачка врска на европскиот пат. Нејзината географска локација и интеграцијата во балканските транспортни мрежи создаваат дополнителни можности за воспоставување отпорни логистички синџири, за пласирање на казахстанските производи на пазарите во Југоисточна и Источна Европа“, нагласи Шакалиев.

Казахстанскиот министер посочи дека еден од клучните практични чекори ќе биде воспоставувањето деловен совет, кој, како што кажа, ќе ја олесни директната интеракција меѓу деловните заедници на двете земји и ќе овозможи брз развој на споделени проекти.

„Таквите иницијативи, вклучувајќи ги и трговските мисии и создавањето институционални платформи за дијалог, се гледаат како почетна точка за премин кон поструктурирана и одржлива трговска и економска соработка меѓу нашите две земји. Фокусот се става на развојот на индустриската соработка, воспоставување заеднички деловни проекти и проширување на инвестицискиот ангажман, што ќе придонесе кон заеднички модели што носат придобивки за двете земји“, заклучи Шакалиев на заедничката прес-конференција со Муцунски.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот