Муабет со Снежана Богдановска: Следењето на содржината на Моден викенд Скопје е само губење време и енергија

Фото: Јована Зука

Со поранешната манекенка, а денес моден новинар,Снежана Богдановска -Сани, муабетиме на тема – која друга, ако не – мода. И тоа за модата како важен сегмент од културологијата на живеење. Па, кој разбере – ќе сфати.

Фото: Стефан Соколовски

Присутна си на сите поважни модни настани што се случуваат кај нас. Зошто отстуствуваше од неодамна одржаниот Моден викенд Скопје, кој се смета, нели, за еден од најважните модни случувања?

– „Nolite jacere margaritas ante porcos“ вели латинската изрека, па во таа смисла јас со сиот свој професионален багаж, изодени години и натрупана меморија немам повеќе време, енергија и респект за некого кој тоа не знае или не сака да го испочитува. Своето внимание го посветувам само на оние кои знаат да препознаат важност и релавантност. Да направат разлика помеѓу форма и суштина. „Моден викенд“ очигледно не го умеат тоа. Уште повеќе што следење на понудената содржина е само губење време и енергија и не го оправдува напорот за присутност.

Што му недостига на нашиот Моден викенд?

– Концепт, идеја, профил, манекенки по стандарди, кои знаат да чекорат, кореограф, релевантна публика, познати ликови, релевантни медиуми, дефиниција на првиот ред, писмен и упатен ПР, оправданост. Но, важно црвен ќилим, пано за сликање и блогери си имаат.

Кои луѓе седат во првите редови на модните ревии?

– Во светот се знае, тоа е строго детерминиран ред со јасна дефиниција за лево и десно , точни локации на почеток, средина и крај на пистата за баерите и познатите фаци. Стратешки места за релевантните новинари. Кај нас, ВИП прв ред се спонзорите, роднините, клиентите, блогерите и пишувачите по портали….и новинари кои по дефиниција го глорифицираат настанот најчесто само со „copy paste“ на официјалните извештаи, новинари кои никогаш не присуствувале на ниту една модна ревија надвор од Скопје, ама ќе напишат наслов „Скопје како Милано“ и да, …сакаат крофни.

Сметаш ли дека актуелната модна сцена кај нас е резултат на пофалбите од мајките, другарките и комшиките? На што, според тебе, се должи бомбастичната промоција на куп антиталенти – модни дизајнери?

– Сликата за македонската модна сцена е со лоша композиција, не ja одразува реалната состојба. Има многу вокални имиња на кои гласноста им е единствен квалитет, ама тоа лесно проаѓа кај модно неосвестените, за жал, а штетата ја креираат највеќе блогерите поради ефектот на малото крукче. Уште пожално и попогубно е што од друга страна многу надарени креативци со индивидуална мисла тешко се пробиваат низ густата некритична маса. За среќа, неколкумина успеваат и надвор од локалното.

Што е со критериумите за манекенка денес во нашата држава?

– Критериумите се дека нема критериуми. Без ултимативни стандарди пресудни за работата, без извежбан од, погрешно ископирани движења едни од други, непознавање на разликата помеѓу позирањето како фото-модел и движење и однос кон фотоапаратот на писта, неумеење да се износи различен тип на облека на различен соодветен начин. Без харизма, а за фактор X не ни може да стане збор. Недозволиви димензии, целулит, вишок килограми, сè може да се прошета на писта. Критеримите нема кој да ги постави ниту некој кој инсистира на нив, ниту пак некому му се важни. Квантитет кој не дава квалитет. Само ретки исклучоци кои го потврдуваат правилото.

Што мислиш за македонските модни блогери?

– Блогерите се искреирани за подгревање на модната индустрија и кога ќе заврши потребата за нивна употреба ќе бидат заборавени.Нормално беше некои од нив добро да профитираат од тоа. Нивните локални реплики (со исклучок на двајца/тројца кои се, всушност, професионалци во некои сегменти) останатите се ефтини невешто копирани кич, иако многу често скапи, варијанти, смешни во своите обиди на искривоколчено позирање во стилот „сакам да сум манекенка “. Уште посмешни ако не и потрагични се нивните следбеници како лоша копија на копираното. Најсмешни и најтрагични се фирмите кои ќе поверуваат на нивната приказна за наводната моќ на инфлуенсерите и вистинскиот ефект на прегледите и „лајковите“. Таму каде понекогаш и навистина ќе продадат некој производ, само ќе зборува за нискиот естетски праг на консументите. Затоа, имаме така катастрофална слика на лошо склопени изгледи по улиците. Затоа и можете да слушнете изјава како „Јас ГО обожавам Долче и Габана“ .

Постојат ли воопшто компетентни модни критичари во Македонија и како треба да изгледа еден моден критичар?

– Искрено верувам дека постојат ликови кои латентно го исполнуваат овој профил. Но, за сега, се искажуваат само гласноговорници на ниво на критизери – речиси секогаш во однос на изгледот- кои не ги поседуваат основните параметри на терминот кој подразбира: познавање на историја на мода, градење на колекција, увид во поп-културата и општествените движења, начините на изработка и познавање на материјали и ткаенини, основите на дизајнот и стајлингот. Увид во трендовите и нивната преобразба во тенденции. Сериозна модна едукација и избрусен вкус. Релевантниот моден критичар нема да калкулира со субјективното „допаѓа – не допаѓа“ туку со објективно, на факти заснован суд и критериуми. Но, валидноста и компетентноста на модниот критичар без критична маса не може да се верифицира ниту детектира, па затоа и не можеме да зборуваме за таков легитимен профил.

Кај нас погрешно се употребува терминот висока мода. Да, објасниме, што е висока мода?

– Па тоа е целa новинарска статија, или една лекција од студиите по мода, но и елементарно познавање од општа култура. Накусо, тоа е категорија во модата која кај нас ја нема и реално не може да ја има, но за жал веројатно 90% од народот ја поистоветува со долго, светкаво и тантелно. Уште потажно и штетно е што некои промовирани дизајнери не само што ќе манипулираат со називот туку дрско, неуко и смешно ќе го аплицираат во своите логоа како одредница. За тоа како повеќето го изговараат Haute Couture дегутнтно е и да се говори.

Ако облеката „го чини“ човекот, што тогаш чини или не чини во изгледот на нашите политичари?

– Облеката не го чини човекот, но затоа безговорно го изразува. Преамбициозно издание на политичар исто како и недоволно внимание на изгледот, во подеднаква мера ќе резултира со недоверба во искажаното. Дури и највешто склопениот аутфит од професионалец со само еден гест ја разоткрива суштината. Само автентичната комуникација со сопственото „јас“ може да е сугестивно убедлива.

Порано, постоеше професијата телевизиски костимограф. Колку е неопходно да се врати оваа професија во телевизиските куќи?

– Сега е во употреба терминот стилист, ама суштината е иста, а и потребата. Појавата на телевизија подразбира соодветна „работна облека“, а тоа подразбира потреба од професионалец кој ќе ја дефинира, кој ја познава методологијата, условеностите и потребите на медиумот. Индивидуалната грижа за сопствениот изглед на оние кои се „истурени“ пред камерите не спаѓа во описот на работното место и не секој е талентиран, умешен и упатен да се справи со таквата задача. Тоа што ниту една ТВ куќа во нашата држава не се грижи за овој сегмент од своето работење е поразително, непрофесионално, навреда е за гледачите, а резултатот е очајниот, понекогаш дури карикатурален изглед на мнозинството од телевизиските ликови.

Можеш ли на прстите од едната рака да ни ги наброиш личностите кои, според тебе, имаат изграден стил?   

– Има личности кои кога ќе ги видиш ти се осветлува денот, ќе ти ги исплакнат очите и исполнат духот. За жал, не се тоа ниту ликови од модната фела ниту од јавниот живот, најмалку од политиката и шоубизнисот. Стилот треба да се гради, но само оние со вродено чувство и природна наклонетост ќе ве фасцинираат со својата појава. Професорката Лира Грабул, кустосите Викторија Васева Димовска или Соња Абаџиева или пак, Никола Ефтимов, прават да почуствувате културна средина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот