Муабет со Елена Христова, вокалистка на „Баклава“: Албумот „IV“ нѐ сплотува во една голема фамилија

Да споделуваш мисли и музика со Дарко Рундек и да станеш дел од посветеноста, ведрината и енергичноста на „Суперхикс“ е многу радосно. На концертот ќе бидеме девет музичари на сцена и во тој состав ќе ги претставиме песните од новиот албум. Беше голем предизвик да се соединат сите овие инструменти, ама сега звучи магично и многу возбудливо, вели Елена Христова, вокалистка на групата „Баклава“.

По неколку години создавање, конечно излегува четвртиот албум на групата „Баклава“. Јубилеен со своите четири страни, албумот содржи 13 песни, огромна екипа, различни жанрови и претставува вртење на сосема нова страница во работата на познатата македонска група. Концертната промоција на новиот албум на „Балкава“, едноставно насловен „IV“, ќе се случи на 28 февруари во киното „Фросина“ во МКЦ.

Група „Баклава“ / Фотографија: Марија Христовска

Колку време требаше да го подготвите новото албумско остварување?

– Албумот „IV“ го сметаме за јубилеен. Четворката е симбол за целоста и суштината на баклавата. Го доживувам како албум со фотографии од еден подолг животен период, со кој се патува низ различни делови од светот каде што почнал да се создава, се среќаваат голем број прекрасни соработници, кои се дел од него, и се искусува шаренило од различни бои, стилови и состојби.

Во снимањето на албумот учествуваат невообичаено голем број музичари и гости, како Дарко Рундек, групата „Суперхикс“, на исто така голем број разновидни инструменти. Како е замислена концертната промоција? Ќе има ли многу гости на концертот?

– Голема среќа и задоволство е да имаш огромен број музичари, мајстори, виртуози на своите инструменти и преубави личности. Овој албум нѐ сплотува во една голема фамилија. Секако, да споделуваш мисли и музика со Дарко Рундек и да станеш дел од посветеноста, ведрината и енергичноста на „Суперхикс“ е многу радосно. На концертот ќе бидеме девет музичари на сцена и во тој состав ќе ги претставиме песните од новиот албум. Беше голем предизвик да се соединат сите овие инструменти, ама сега звучи магично и многу возбудливо. Гости на концертот ќе ни бидат „Суперхикс“, па така ќе си побоиме заедно.

Елена Христова и Дарко Рундек / Фотографија: Маја Аргакијева

Во музиката бојата се слуша, но не се гледа. На вашиот нов албум нумерите имаат наслови со боја за да бидат видливи, со каква намера се одлучивте за таков чекор?

– Многу интересен беше патот на раѓањето на боите. Сѐ започна со мелодијата. Таа во себе ги содржи сите бои. Во мелодиската линија доминира некоја боја, која потоа се повива со стихови, нејзини симболи. Потоа таа станува уште повизуелна, чувството се претвора во движење, во слика. Тиркиз, пурпурна, чоколада, рузмарин, сина, пендолира, бела, фламинго, сенка, сива, сребрена, невен и рубин, се насловите на песните, боите. Доволно моќно е само нивно споменување за да си фантазираш, да си смислуваш приказни.

Публиката ве препознава како група која создава „ворлд-мјузик“. Како лично ја чувствувате зрелоста во музичкиот израз и колку претходните искуства ви го олеснија патот до „IV“?

– Албумот „IV“ се создаваше долго. Бараше од нас голема истрајност, трпение, соочување и прифаќање. Љубопитните и егзотични искуства од патешествијата на „Ме манкас мучо“, калемењето на традицијата со сопствениот музички израз во „Калемар“, како и носталгијата по предците во „Баклава“, му го отвораат патот на „IV“. Тој е полн со храброст и искреност во намерата да се создаде баш тоа што се сака, она за што се има порив, да се одолее на искушенијата.

Елена Христова / Фотографија: Маја Аргакијева

Музиката на албумот главно е твоја, а стиховите се на Сибо. Пеено е претежно на македонски, но има и по некој стих на турски, хрватски, влашки, латински јазик. Како функционира вашата креативна соработка?

– Нашата креативна соработка функционира вака некако. Прво јас одам на аџилак, на печалба. Најчесто компонирам кога патувам, кога сум среќна и исполнета, кога сум во проекти во кои растам и се чувствувам своја, кога имам инспиративна комуникација. Потоа куферот полн со мелодии се отвора пред Сибо и започнува алхемичарски процес на остиховување и раѓање на песната, бавно, слој по слој.

Албумот има необичен дизајн. Можеш ли да ни откриеш нешто повеќе за Нерсес Малакјан?

– Па, за Нерсес најмногу говорат неговите цртежи. Ги сметам за совршени, полни приказни. Средбата со Нерсес е интуитивна. Чувство на мир и поврзаност, храна за прегладнетата душа.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот