МУ ГО УКРАЛ ТОПОТ: Црногорец имал расправија со соседот заради партија шах, па потоа пукал во него
Црногорската полиција деновиве уапсила страствен љубител на шах, кој по расправија за шаховски фигури пробал да го убие својот сосед. Еско Еровиќ (56) од северна Црна Гора, бил уапсен заради обид за убиство на својот сосед Хусеин Смакиќ (70), кој го обвинил дека му ја украл шаховската фигура.
– Еско Еровиќ во среда, околу 15 часот, пукал од својот пиштол во правец кон Хусеин Смакиќ. Тој испукал куршум кој го погодил Смакиќ во левата рака и му нанел тешка телесна повреда. Потоа тој се упатил во непознат правец, а полицајците набргу го пронашле и го уапсиле – се наведува во решението според кое е одреден притвор за осомничениот Еровиќ.
Еровиќ на сослушувањето пред судот раскажал дека немал намера да го убие Смакиќ, туку нервозен од расправијата пробал да го уплаши. Ранетиот Смакиќ, од друга страна, раскажал дека се почнало по една потполно безопасна ситуација за време на партија шах.
Двајцата шахисти играле партија шах во селото претходниот ден.
– Додека ги разменувавме фигурите, во ситуација кога требаше да го матирам, Еровиќ ме обвини дека сум му го украл топот – раскажал Смакиќ наведувајќи дека заради тоа имале расправија, но дека присутните ги раздвоиле и секој од нив отишол на своја страна.
Ден подоцна, додека бил во близина на семејната куќа, на селскиот пат со трактор се приближил Еровиќ, застанал, па извадил пиштол со кој пукал од десет метри оддалеченост спрема Смакиќ. Куршумот поминал под неговата подлактица. Раната била санирана во најблиската болница, по што тој бил пуштен на домашно лекување.