МПЦ-ОА ќе го прогласи Кирил Пејчиновиќ за светец, во неговиот Лешочки манастир

Фото: МПЦ-ОА

На 16 октомври, недела, во присуство на архиереите на МПЦ-ОА, во манастирот во тетовското село Лешок ќе биде извршена канонизавција на јеромонахот Кирил Пејчиновиќ, кој бил игумен на манастирот и во него е погребан, соопшти Црквата.

Идејата за канонизацијата на Пејчиновиќ, кој е значаен македонски просветител и еден од првите писатели на народен македонски јазик, дошла од владиката Јосиф, Тетовско-гостиварскиот митрополит на МПЦ-ОА. Господин Јосиф со години управуваше со Тетовската епархија, чие седиште е во манастирскиот комплекс.

„Живеејќи во Лешочкиот манастирски комплекс ја имав приликата секојдневно да живеам во присуство на игуменот Кирил, најнапред преку живиот молитвен спомен за него, преку разговорите со месното население, преку сеќавањето за неговите заслуги направени за манастирот, преку набљудувањето на реките од поклоници, кои се поклонуваат секојдневно на неговиот гроб, каде што просат молитвено застапништво пред Бога. Гледајќи го сето тоа и јас постанав сведок за неговото сегашно молитвено застапништво, за почитта кон него од страна на нашиот верен народ, која, и покрај годините, никогаш не се намалила, туку напротив – се зголемила. И сето тоа што го гледав како архиереј моја обврска беше да го актуализирам, односно да започнам процес за негово препознавање како светител, рече г. Јосиф во интервју за Вечер во април годинава, кога и најави дека покренува иницијатива за канонизација на Кирил Пејчиновиќ како Игумен Кирил Лешошки.

Фото: МПЦ-ОА

Владиката Јосиф додава дека иницијативата произлегла „од живиот култ кој го има овој црковен деец на просторите на кои се протега Тетовско-гостиварската епархија и пошироко, а особено тоа е видливо во Лешочкиот манастир, каде што се наоѓа неговото гробно почивалиште“.

Кирил Пејчиновиќ сите свои дела ги напишал на народен јазик и заедно со Јоаким Крчовски (кој беше канонизиран во мај годинава), ја претставуваат првата генерација писатели на современата македонска книжевност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот