Може ли Европа побрзо да реагира додека кризите ескалираат?
Европската Унија беше создадена по Втората светска војна како проект на економска соработка, а не како сила способна за брз одговор на кризи. Таа им ја препушти безбедноста на Соединетите Американски Држави и го изгради својот политички систем врз компромис и бавно усогласување.
Препорачано
Сепак, светот во меѓувреме драматично се промени и има сè поголем број на луѓе кои веруваат дека ЕУ повеќе не може да функционира на ист начин, пишува бриселски Политико.
Како што наведува порталот, денес, додека кризите се редат една по друга, расте незадоволството од темпото со кое се носат одлуките на лидерите на 27-те земји-членки собрани во Европскиот совет, особено кога станува збор за безбедноста и надворешната политика.
Бавни одговори
Примери за бавност има во изобилство. ЕУ постојано не успеваше да усвои единствен став за клучните прашања во последните месеци, од 90 милијарди евра помош за Украина до санкциите врз Русија и одговорот на војната во Иран. На еден од последните самити одржани во март, лидерите поминаа часови дебатирајќи за техничките детали на системот за тргување со емисии, додека енергетските интереси на Европа на Блискиот Исток беа доведени во прашање. Еден функционер на ЕУ го сумираше тоа велејќи:
„Да се каже дека ETС е најголемиот проблем на Европа кога горат големи нафтени полиња, помалку е чудно – додаде тој.
Слични критики доаѓаат и од самото политичко раководство. Холандскиот премиер Роб Јетен предупреди дека повеќе не е можно да им се објасни на граѓаните зошто Европа реагира толку бавно, додека францускиот претседател Емануел Макрон призна дека ЕУ „понекогаш е премногу бавна, се разбира, и ѝ треба реформа“.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, отиде чекор понатаму, велејќи дека правилото за едногласност создава „системски блокади“ и повика на укинување на националните вета во надворешната политика на Унијата.
Заштита на системот на ЕУ
Сепак, има и такви кои го бранат сегашниот систем. Европскиот совет е дизајниран како место каде што сите лидери се собираат и донесуваат заеднички одлуки преку компромис.
Еден функционер на ЕУ признава дека процесот би можел да биде поефикасен, но нагласува дека тој е сè уште „далеку најдобриот форум“ за решавање на клучните прашања. Поранешниот белгиски премиер Александар де Кро дели сличен став, потсетувајќи дека за време на пандемијата на Ковид, ЕУ успеала брзо да реагира и да организира заедничка набавка на вакцини и голем фонд за закрепнување.
„Европската конструкција понекогаш бара време за донесување одлуки“, рече тој и додаде дека бил дел од моментите кога одлуките биле многу брзи и одлучувачки“.
Де Кро дури верува дека претпазливоста на ЕУ има свои предности, особено во свет кој се повеќе се обликува од непредвидливите одлуки на американскиот претседател Доналд Трамп.
ЕУ не успева да се адаптира
Сепак, светот се менува побрзо отколку што се адаптира ЕУ. Падот на старите сојузи, растечките глобални тензии и низата кризи покажаа дека сегашниот начин на донесување одлуки повеќе не е доволен. Поранешниот генерален секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен потсетува дека ситуацијата на почетокот на 2000-тите била сосема поинаква.
-Тогаш Русија беше партнер во Г8, Америка беше недвосмислен сојузник… Сега тој свет повеќе не постои – вели тој.
Па така како што наведува бриселскиот портал, затоа сè повеќе се споменуваат идеи за реформи во Унијата, од укинување на ветото во надворешната политика до создавањето на посебен Европски совет за безбедност кој би несел одлуки побрзо. Сепак, ваквите промени отвораат и нови прашања и дилеми.
Професорот по политички науки Жил Питорс предупредува дека воведувањето на гласање со квалификувано мнозинство може да предизвика сериозни демократски дилеми, додека зајакнувањето на Европската комисија наидува на отпор од дел од земјите-членки кои не сакаат да ѝ отстапат премногу моќ на комисијата, заклучува „ПолитикоЕ.


