Мота за статусот на Влаховиќ во Јувентус: Не може сите да играат
Доаѓањето на Рандал Коло Муани значително го промени статусот на српскиот фудбалер Душан Влаховиќ во Јувентус.
Препорачано
Францускиот напаѓач Коло Муани на само три натпревари за Јувентус постигна пет гола, па минутажата на Влаховиќ од меч во меч се намалуваше, а минатиот викенд не влезе во игра ниту на мечот против Комо, кога Јуве со двата гола на Муани славеше победа од 2-1 на гостински терен.
Секако, ова беше сигнал дополнително да се интензивираат шпекулациите за претстојното заминување на Влаховиќ од Јувентус.
Но, тренерот на италијанската екипа Тиаго Мота сепак уверува дека сериозно смета на Србинот.
– Го гледам во одлична форма, како и сите други. Сите се мотивирани и одлучни. Утре, како и обично, имаме многу играчи, но не може секој да игра, иако секој сака. Без разлика дали играат 90 минути, 15 или 30 минути, знаат дека во сезона поважен е квалитетот на минутите отколку квантитетот. Душан веќе направи многу, а сигурен сум дека ако игра утре, ќе даде свој придонес. Сметаме на него за иднината – рече Мота во пресрет на утрешниот натпревар од плеј-офот од Лигата на шампионите против ПСВ.


