Морничаво: Над 400 вреќи човечки коски биле пронајдени покрај стадион на кој ќе се игра Светското првенство
На нешто помалку од 200 дена пред почетокот на Светското првенство 2026, кое ќе се одржи во САД, Канада и Мексико, еден од градовите домаќини се соочува со сериозен и вознемирувачки проблем во околината на својот стадион.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Според последните извештаи, пребарувачки и волонтерски групи во сојузната држава Халиско во Мексико пронашле стотици вреќи со човечки останки во близина на стадионот „Акрон“, каде своите натпревари ги игра Чивас од Гвадалахара, еден од најголемите и најпознати фудбалски клубови во земјата.
Член на волонтерската спасувачка група „Герерос Бускадорес“ изјавил дека најновото откритие датира од септември минатата година. Од 2022 година наваму, во околината на стадионот „Акрон“ биле пронајдени најмалку 456 вреќи со човечки останки. Токму овој стадион треба да биде домаќин на четири натпревари од групната фаза на Светското првенство, како и на меѓуконфедерацискиот бараж пред почетокот на турнирот, пренесува „Латин тајмс“.
Хосе Раул Сервин Гарсија, член на колективот, потврдил дека до дел од откритијата дошло за време на градежни работи на станбен комплекс, што им овозможило на бројни семејства да започнат потрага по своите исчезнати роднини.
„Во моментов зборуваме за околу 456 вреќи, повеќе или помалку, и сето тоа се наоѓа во близина на стадионот ‘Акрон’, кој ќе биде домаќин на натпревари од Светското првенство. За жал, болно е што Мундијал ќе се игра тука додека постои толку многу зло“, изјави Сервин Гарсија.
Покрај локацијата Лас Агујас, дополнителни откритија биле регистрирани и во други делови на Запопан и Тлакепаке. Според Сервин Гарсија, на гробишта во близина на стадионот биле пронајдени 130 тела, додека властите откриле уште 89 вреќи во заедниците Некститпак и План де ла Норија во периодот од 2018 до 2022 година.
Ќе потсетиме, Светското првенство 2026 ќе започне на 11 јуни и ќе трае до 19 јули.


