Двајца редактори и дел од авторите на монографијата

Монографијата „Македонска поетика и стилистика“ имаше промоција во Мадрид

Во рамки на Меѓународната научна конференција посветена на Иво Андриќ, инаку 17. Симпозиум како дел од научно-истражувачкиот проект „Андриќ-Иницијативи: Иво Андриќ во европски контекст (https://www.gralis2.at/gralis/) под раководство на емеритус проф. д-р Бранко Тошовиќ, што се одржа во Мадрид од 2 до 5 октомври, беше промовирана колективната монографија „Македонска поетика и стилистика“.

На Конференцијата учествуваа повеќе од 80 универзитетски професори од Европа. Од Македонија учество зедоа д-р Весна Мојсова-Чепишевска, д-р Славчо Ковилоски и м-р Марина Цветаноска, кои остварија и средба со македонскиот амбасадор во Кралството Шпанија, Н.Е. Едмонд Адеми.

Промоцијата на колективната монографија „Македонска поетика и стилистика“ се одржа во Големиот амфитеатар на Филолошкиот факултет на Универзитетот Комплутенсе во Мадрид (Universidad Complutense de Madrid) и се надоврза на редицата претходни промоции (тие на Универзитетите во Задар, Бања Лука и Париз, како и на УКИМ во Скопје). Промотор беше д-р Славчо Ковилоски, кој заедно со д-р Бранко Тошовиќ воедно е и редактор на монографијата.

Дел од авторите на монографијата со македонскиот амбасадор во Шпанија

Изданието првенствено има за цел да ја афирмира македонската книжевност и култура во славистичките кругови, но и пошироко, пред европската културна јавност. Уште со насловната страна изработена од д-р Бранко Тошовиќ се даваат симболични одговори за значењето и местото на Македонија во светската култура. На неа се претставени Охридското Езеро како знак за препознавање на земјата, Блаже Конески како најзначајниот македонски филолог и истражувач, и стара книга која го претставува почетокот на словенската писменост во Македонија и пошироко преку Охридската книжевна школа создадена од Св. Климент Охридски во 886 година.

Имајќи предвид дека таа е наменета за странската читателска публика, во неа се обработени главните поетолошки и стилски движења во македонската книжевност почнувајќи од средниот век, па сѐ до денес. Таа не претставува книжевна историја, туку може да се чита како „компримирана историја“, како што во една прилика има истакнато д-р Венко Андоновски.

Бидејќи целта не е да се претстават сите македонски автори кои твореле низ вековите, врз репрезентативни примери се дадени основните насоки низ кои се движела македонската литература во минатото и денес.

Исто така, книгата е сочинета од богат библиографски показалец со цел на идните македонисти побрзо да им се овозможи преглед на македонската теориска литература. Изданието е работено според методологијата и насоките укажани и прифатени од Комисијата за стилистика на Меѓународниот славистички комитет и Институтот за славистика на Универзитетот „Карл Франц“ во Грац, Австрија, кои воедно се јавуваат и како издавачи.

Автори на монографијата се Славчо Ковилоски, Марина Цветаноска, Билјана Рајчинова-Николова, Славица Петровска-Ѓорѓевска и Ема Лакинска, професорите од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“: Весна Мојсова-Чепишевска, Иван Антоновски и Трајче Стамески, сите од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како и Бранко Тошовиќ од Универзитетот во Грац.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот