МОН: Длабоко сочувство за загубата на Вања, „Песталоци“ ќе продолжи со психолошка поддршка за учениците

Книга на жалост за Вања во Ј.Х.Песталоци/Фото: „Слободен печат“ -Драган Митрески

Министерството за образование и наука (МОН) изразува длабоко сочувство до семејството и блиските на трагично починатата Вања. Невино дете, кое наместо да му се радува на животот, не по своја волја и вина, замина во вечноста, испраќајќи порака дека општеството и граѓаните мора повеќе да ги прифаќаат и да ги шират вистинските вредности за мир, толеранција, почитување и ненасилно однесување, се наведува во денешното соопштение.

Сочувство, но и јавна благодарност изразуваме до раководството и наставниот кадар во основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ за високата посветеност и одговорност во работењето, кои воедно реагираа брзо и го алармираа семејството на ученичката за нејзиното отсуство од наставата, додаваат од МОН.

Министерството информира дека и по трагичниот настан, училиштето ќе продолжи да обезбедува целосна психолошка поддршка за сите ученици, со цел зачувување на менталното здравје и справување со трауматските последици од целата ситуација.

Министерството е во постојана комуникација со училиштето и предложивме поддршка во делот на ангажирање дополнителен кадар, составен од педагози и психолози, кои ќе им бидат на располагање на учениците во периодот што следи. Во меѓувреме, сите заедно да се заложиме вакви настани да не се повторуваат. Да бидеме подобри луѓе. Одговорноста е заедничка. Почивај во мир, драга Вања, пишува во соопштението.

Од основното училиште „Песталоци“ синоќа соопштија дека за учениците од прво до петто одделение се одржала редовна настава, додека учениците од шесто до деветто одделение работеле со одделенските раководители со цел да им се даде поддршка и помош во справувањето со болката, тагата, стравот и измешаните емоции.

Во овие тешки мигови, кога тагуваме по Вања, сакаме да потенцираме дека училиштето е безбедно место во кое децата можат да добијат психолошка поддршка и советување – порачаа од училиштето.

Децата, родителите и наставниците, како што се наведува во соопштението, и во наредниот период ќе можат непосредно да разговараат со психолозите кои се во училиштето за да им дадат поддршка. Во целиот процес се вклучени и надворешни стручни лица, психолози и психијатри, со цел да им се помогне на учениците, но и на родителите, да се соочат со траумата и да го сочуваат менталното здравје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот