Моливот и хартијата најсилно оружје во битката со „совршениот“ бот-есеист
Националниот универзитет објави дека приоритет при оценувањето ќе имаат лабораториските активности и практичната работа, а испитите ќе содржат писмен дел со ограничено време и усно излагање
Австралиските универзитети им најавија на студентите да подготват пенкала и листови хартија на испитите и тестовите, за да не можат да мамат со апликации со вештачка интелигенција.
Препорачано
Откриени се многу случаи на студенти што пишувањето есеи ѝ го препуштиле на сѐ попопуларната и сѐ понапредната апликација ЧатГПТ, која генерира текстови на зададени теми врз основа на огромната база на податоци и алгоритмите. Универзитетите и низа други институции воведоа нови правила, дефинирајќи го како „мамење“ користењето на ЧатГПТ. Експертите за развој на вештачка интелигенција возвраќаат дека образовните институции „може да добијат некоја битка, но ќе ја изгубат војната“ со новата технологија.
Компанијата „Опен АИ“ го промовираше ЧатГПТ на 30 ноември и за помалку од пет дена генераторот веќе имаше повеќе од 1 милион корисници. Само еден месец подоцна сите јавни училишта во Њујорк строго забранија користење на ЧатГПТ на сите уреди, поради загриженоста дека „користењето на генераторот негативно влијае врз ангажманот на учениците“ и дека има потенцијал за плагијати. Лондонскиот професор Пол Тејлор го тестирал ЧатГПТ на вообичаен испит и заклучил дека одговорите што ги генерирала вештачката интелигенција биле „кохерентни, издржани и фокусирани на главните поенти, што ретко кога им успева на студентите“. Професорот најавил дека ќе мора да се потруди за да развие нов тип тестови за чие решавање вештачката интелигенција нема да биде од голема полза.
Осумте водечки австралиски универзитети објавија дека ја преразгледуваат улогата на вештачката интелигенција во процесот на учење на студентите и на обуката на предавачите и развиваат нови стратегии, кои опфаќаат попримитивен приод за тестирањата – користење пенкало и хартија или надзор на студентите.
– Прилагодувањето е критично. Настојуваме да бидеме еден чекор пред развојот на вештачката интелигенција – објави доктор Метју Браун, директор на групата осум водечки австралиски универзитети.
Националниот универзитет објави дека приоритет при оценувањето ќе имаат лабораториските активности и практичната работа, а испитите ќе содржат писмен дел со ограничено време и усно излагање.
Академиците истакнуваат дека не се против вештачката интелигенција, која може да им биде од голема полза и на студентите и на професорите, туку бараат начин како таа да остане помошна алатка, која ќе може да се користи легитимно во одредени ситуации и услови.
Тоби Волш, професор по вештачка интелигенција на Универзитетот на Нов Јужен Велс, забележува дека неговите колеги панично бараат начин како да изнајдат протоколи за да спречат мамење и препишување на испитите.
– Студентите веќе користат ЧатГПТ за да пишуваат есеи. Требаше да претпоставиме дека ова ќе дојде. Ова е голема промена. Пристапно е до сите, убаво изгледа и лесно е да се користи – вели Волш.
Тој смета дека практично не е возможно да се забрани користењето на апликацијата, особено кога „Опен АИ“ наскоро ќе го промовира и ГПТ4.
– Има технички решенија, како втиснување дигитален жиг, но со друга програма можете да го избришете жигот. Ова е трка во вооружување што никогаш нема да запре и во која никогаш нема да победите – предупредува професорот.
Тој додава дека вештачката интелигенција има потенцијал за иновации и надградување на образовниот процес.
– Не сакаме да ја уништиме писменоста, но дали дигитроните го уништија пресметувањето – забележува Волш.
Роми Лосон од Универзитетот Флиндерс, еден од првите што го прогласи за „мамење“ користењето компјутерски генератори на текст, вели дека голем предизвик е да се задржи академскиот интегритет во ера на брзи технолошки промени.
– Загрижени сме поради појавата на сѐ понапредни генератори на текст, особено на ЧатГПТ, кој се чини дека е способен да произведе мошне убедлива содржина, која тешко може да се открие дека е создадена од машина. Но, наместо да им забраниме на студентите да користат такви програми, нашата цел е да им помогнеме и на професорите и на студентите да ги користат дигиталните алатки за да им се олесни учењето – вели Лосон.
ВИДЕО | Бојчев: Вештачката интелигенција зема сѐ поголем замав


