МОК потврди дека скијач кој требаше да настапи на ЗОИ паднал на допинг-тест
Македонскиот олимписки комитет (МОК) на прес-конференција ги промовираше имињата на спортистите кои ќе ги бранат боите на нашата земја на Зимските олимписки игри во Кортина и Милано.
Препорачано
Иако беше најавен како еден од учесниците, Мирко Лазарески не се појави пред медиумите, а неговата замена ќе биде Виктор Петков.
Причината поради која Лазарески нема да биде меѓу патниците, како што беше неофицијално објавено, е тоа што тој наводно паднал на допинг-тест. МОК денеска ја потврди оваа информација.
Во интерес на објективното и вистинито информирање на граѓаните и спортската јавност, а со цел да се испочитува во целост законската процедура која ги обврзува, од МОК ја пренесуваат официјалната информација доставена од страна на Националната анти-допинг организација (НАДО МКД) во врска со промената во олимпискиот состав за претстојните Зимски олимписки игри.
– Врз основа на официјалниот извештај (Test Report) пристигнат од акредитираната лабораторија во Seibersdorf, Австрија, во еден од двата примероци утврдено е присуство на забранети средства кај спортистот во алпско скијање. Како резултат на строго и прецизно пропишаната процедура на WADA, до конечна потврда на наодот, процедурите предвидуваат времена суспензија на спортистот и се активира механизмот на замена од претходно утврдената листа на потенцијални кандидати („long list“). Согласно овој официјален систем на рангирање, следен спортист со исполнета олимписка квота е Виктор Петков, кој по процедурален пат станува дел од официјалната делегација – стои во објавата на МОК.
За сите дополнителни детали, прашања и официјални ставови во врска со овој случај, МОК упатува до сите да се обратат директно до надлежната институција НАДО МКД, која единствено е овластена да соопштува информации на оваа тема.


