Модуларната болница во Тетово имала технички прием

Тетово пожар
Тетово, 9 септември 2021 / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Колку се безбедни објектите од критичната инфраструктура е прашањето што се наметнува по големата трагедија што се случи во тетовската модуларна болница која изгоре до темел, при што настрадаа 14 лица, а 12 се повредени.

Петмина обвинители излегоа на терен за да ги утврдат причините поради кои настана пожарот, а во тетовската болница можеше да се забележи и поголемо полициско присуство.

МЗ: Сите 19 модуларни ковид-болници се градени по стандарди

Дали објектот имал технички прием и дали се испочитувани стандардите за изградба на модуларни болници? Ова прашање е актуелно особено по инцидентот од пред неколку недели во тетовската болница, во кој имаше обид да се исечат две цевки за довод на кислород.

Министерството за здравство одговори дека сите 19 модуларни ковид-болници во земјата се типски објекти, градени по највисоки медицински и безбедносни стандарди.

,,Модуларните ковид-центри, вклучувајќи ја и болницата во Тетово, се отворени по технички прием. При градбата на сите модуларни болници, вградените материјали се сертифицирани. Ковид-центарот во Тетово е проектиран со три влеза, ходниците се широки 2,4 метри, а парапетите на прозорците се ниски во случај на евакуација. Во објектот не е користено дрво и запазени се сите други потребни елементи за заштита. При пуштање во употреба, направен е уреден технички прием“, велат од Министерството за здравство.

Според здравствените власти, при градбата има уредно документирани записници за незначителни технички забелешки – силиконирање лајсни на подот, нивелирање на сифон во тоалет, продолжување на дел од олуците.

„По овие барања е постапено и тие се санирани пред пуштање во употреба и хоспитализација на пациенти. Овие документи ќе бидат доставени на увид на јавноста и медиумите. Ковид-центарот во Тетово ги поседува и сите потребни сертификати за заштита при несреќи. Апелираме да не се шпекулира со ваквите информации“, повикуваат од Министерството за здравство.

Оттаму очекуваат експертите и истражните органи што побрзо да го истражат случајот за оваа страотна несреќа.

„Сите аспекти на случајот да бидат предмет на темелна и брза истрага и секако одговорност, доколку истрагата го покаже тоа. Самите модуларни ковид-центри беа и сѐ уште се клучни во справување со пандемијата и хоспитализацијата на пациенти. Тие се градени по највисоки стандарди, а набавката што Министерството за здравство ја правеше е во согласност со стандардите за ваквите болници што се користат во многу земји во светот“, ни одговорија од Министерството.

Што велат прописите

Според важечките прописи за противпожарна заштита, секој нов објект мора да има елаборат за заштита од пожари, во кој ќе бидат опфатени сите противпожарни мерки во зависност од видот на објектот. Дирекцијата за заштита и спасување треба да издаде согласност дека проектот ги задоволува сите барања во согласност со законската регулатива и важечките стандарди. При изведба на објектите има надзорен инженер, кој ја проверува изведбата и застапеноста на ПП-мерките. На крајот се изготвува документ одобрен од надзорот, со кој се потврдува дека ПП- мерките се применети, во спротивно не се дава дозвола за работа на објектот.

Експерти за противпожарна заштита велат дека во болници би требало да има и систем за детекција на пожари. Основно е во проектот да се предвидат материјали, носечки конструкции, ѕидови и комуникативни јадра за евакуација со отпорност на пожар од 60, 90, 120 или 180 минути, во зависност од видот на објектите. Се предвидуваат и противпожарни сектори, со цел да се ограничи ширењето на пожарот. За објектот мора да има документација, која е проверена од институциите.

За идентификација, можеби и анализа на ДНК-материјал

На Институтот за судска медицина во Скопје до вчеравечер се очекуваше да завршат сите обдукции и идентификацијата на жртвите.

Директорот на институтот, доктор Александар Станков, за „Слободен печат“ изјави дека е можно да се користат и други методи за идентификација, можеби и анализа на ДНК-материјал.

Русковска ја бара целокупната документација за 19-те изградени модуларни болници

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот