МНР на Албанија: Србија да ги повлече вооружените сили и страните да се вратат на дијалогот

 Албанското Министерство за надворешни работи реагираше во врска со случувањата на северот на Косово, „изразувајќи загриженост за однесувањето на Србија”.

„Министерството за Европа и надворешни работи на Република Албанија е многу загрижено поради ескалацијата на ситуацијата на северот на Република Косово и најостро ги осудува вандалските дејствија на некои лица. Ништо не ја оправдува употребата на насилство, оштетување на јавниот имот и непочитување на законот. Министерството за Европа и надворешни работи бара овие вандали да бидат изведени пред лицето на правдата“, стои во официјалната реакција на Министерството.

Се додава дека Албанија е особено загрижена за распоредувањето на српските вооружени сили во близина на границата со Косово и воените авиони кои прелетуваат во близина и над воздушниот простор на Косово, кои ги „поттикнуваат поединците да провоцираат немири и насилство, како и да го дестабилизираат Косово”.

Овие акти, се оценува, се косат со меѓународните договори, кои имаат за цел да обезбедат ред и стабилност во тој дел од регионот.

Албанското МНР ја повикува Србија да ги повлече своите вооружени сили во близина на границата, бидејќи, како што стои, провоцираат насилство и посочува дека единствено решение за намалување на тензиите е дијалогот и оти Албанија ќе продолжи да ги поттикнува страните за тоа.

-Ја повикуваме Србија да ги повлече своите вооружени сили испратени на границата со Косово и да работи за итна деескалација на ситуацијата. Ги повикуваме сите актери да покажат воздржаност

и веднаш да се упатат кон дијалог, како единствен начин за напредување и решавање на отворените прашања во духот на соработката, на кои Албанија е неповратно посветена, во своите билатерални и мултилатерални напори, се наведува понатаму во реакцијата.

За институцијата предводена од министерката Олта Џачка, Албанија, како сојузник во НАТО и одговорна членка на Обединетите нации „ќе направи сè што е потребно за да ги поддржи сите напори за итна деескалација на ситуацијата и враќање кон дијалогот”.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот