„Многу сте напорна“ — ако не му се погоди прашањето, Трамп навредува новинари
Американскиот претседател Доналд Трамп се налути и навреди новинарка на Еј-би-си њуз за време на разговор со новинари во претседателскиот авион „Ер форс уан“, додека одговараше на прашања за војната со Иран, пишуваат американските медиуми.
Препорачано
Новинарката го праша за фотографија од свечениот пречек на посмртните останки на американски војници загинати во судирите со Иран, која била искористена во електронска порака за собирање политички донации. На прашањето дали смета дека користењето на таква фотографија е соодветно, Трамп кратко одговори оти смета дека е.
Кога новинарката дополнително праша дали се собираат средства за семејствата на загинатите војници, претседателот рече дека „не ја видел“ таа електронска порака.
„Некој го објавува тоа. Многу луѓе работат за нас“, додаде тој.
Трамп потоа изјави дека „никој не е подобар кон војската од него“, по што ја праша новинарката за кој медиум работи. Кога таа одговори дека е од Еј-Би-Си њуз, тој остро ја нападна телевизијата.
„Еден од најлошите, најлажните и најкорумпираните… знаете што, Еј-Би-Си њуз – мислам дека можеби сте и најкорумпираната медиумска организација на планетата. Мислам дека сте ужасни“, изјави Трамп.
Во текот на разговорот, претседателот стави прст на устата додека новинарката се обидуваше да постави уште едно прашање, додавајќи дека е „многу напорна личност“.
Новинарката претходно го праша и дали има коментар за шест американски војници кои загинале во напад со ирански дрон врз база во Кувајт. Додека таа го поставуваше прашањето, Трамп внимателно ја гледаше, а кога заврши, нагло се сврте кон другите новинари.
„Повелете. Кој е следен?“, праша тој.
ВИДЕО | Трамп со нова остра навреда кон новинарка: Дали си глупава?


