Млечните производи можат да го нарушат сонот, еве што треба да направите за да го избегнете тоа
Фактот дека млечните производи, особено кога се консумираат доцна навечер, можат да го нарушат сонот и да предизвикаат вознемирувачки соништа, сега добива и научна потврда. Истражувачи од Канада анкетирале 1.082 студенти по психологија за нивните навики во исхраната, спиењето и сонувањето, пишува „Е-клиника“.
Препорачано
Интересно е што 40 отсто од нив изјавиле дека одредена храна влијае врз нивниот сон, а од тие, 20 проценти го посочиле млекото и млечните производи како причинители. Само 5,5 отсто верувале дека храната влијае врз содржината на соништата. Меѓу нив, млечните производи биле веднаш зад слатките десерти како потенцијални „окидачи“ за чудни или вознемирувачки соништа.
Поголем ризик од кошмари кај оние што консумираат млечни производи доцна навечер
Истражувачите од Универзитетот во Монтреал ги анализирале сите детали – од фреквенцијата на кошмари, до алергии и интолеранција на храна. Се појавил јасен образец: учесниците со интолеранција на лактоза имале значително поголема веројатност да доживуваат кошмари. Врската била најсилна кај оние кои, покрај тоа, искусувале подуеност или грчеви. Статистичката анализа покажала дека овие дигестивни проблеми делумно го објаснуваат појавувањето на лоши соништа. Со други зборови, храната што го вознемирува дигестивниот систем може и „да ја разбуди имагинацијата“.
Патот од стомакот до мозокот има физиолошка логика – непријатностите во дигестивниот систем можат да предизвикаат будење во полесна фаза на спиење, кога се јавуваат најживописните или негативни соништа. Воспалителните реакции и покаченото ниво на кортизол (стрес хормон) исто така влијаат врз емоционалната боја на соништата, особено преку зголемување на анксиозноста или негативноста.
Исхрана богата со растителни влакна е поврзана со подобар сон
Претходни истражувања го поддржуваат ова. Едно истражување од 2015 година покажало дека 18 отсто од студентите ги поврзуваат своите соништа со она што го јадат, при што млечните производи биле најчесто споменувани како причинители. Истражување од 2022 година со 436 лица што често сонуваат, открило дека оние што јадат повеќе слатки грицки, имаат почеста појава на кошмари.
Новата канадска студија ја поддржува пошироката слика: исхрана богата со растителни влакна, овошје и зеленчук е поврзана со подлабок и поосвежителен сон. Напротив, оброци богати со заситени масти и шеќери, како и доцното јадење, се поврзуваат со полош квалитет на спиење и со т.н. „ноќен хронотип“, кој пак е поврзан со почеста појава на кошмари.
Ако се потврди врската помеѓу сирењето и кошмарите, решението би можело да биде едноставно
Ако идните истражувања навистина ја потврдат врската меѓу сирењето и кошмарите, практичните импликации би биле значајни. Кошмарите погодуваат околу 4 отсто од возрасната популација глобално, а особено се чести кај лица со посттрауматско стресно нарушување. Лекови постојат, но често со несакани ефекти. Промена на времето на вечерата или избор на млечни производи со низок процент на лактоза би можело да биде многу попрактично и поевтино решение.
Исхраната корисна за цревната микрофлора, како медитеранската, веќе се разгледува како дополнителна терапија за пореметувања во расположението, а кошмарите можеби ќе станат ново поле за развој на нутриционистичка психијатрија.
Што сè уште не знаеме и каде треба внимание
Иако овие наоди се интересни, истражувањето има свои ограничувања. Испитаниците биле претежно млади и здрави студенти, кои самите ги пријавиле навиките во исхраната и сонувањето – што значи дека постои ризик од неточни сеќавања или влијание на сугестија. Само 59 учесници навистина верувале дека храната влијае врз соништата, што значи дека бројот на случаи е мал и резултатите не можат да се генерализираат.
Истражувачите сепак истакнуваат дека сирењето, како еден од најчестите млечни производи, постојано се споменува како можен предизвикувач на кошмари – особено кај луѓето кои имаат потешкотии со варење. За дефинитивна потврда потребни се подетални дневници на оброци, субјективни впечатоци и лабораториски анализи на сонот.
Во меѓувреме, стручњаците советуваат: јадете порано навечер, или бирајте храна со малку лактоза, за да имаат мир и стомакот, и соништата.


