Младите пливачи тренираат на недозволиво ниска температура на базенот „Борис Трајковски“, вели родител
Децата викаат дека на базенот дува од сите страни а и водата е ладна, ни вели нашата соговорничка.
Родител на млади пливачи ја контактира спортската рубрика на нашиот медиум, жалејќи се на, наводно, ниската температура на базенот „Борис Трајковски“ во Скопје.
Препорачано
Главно поплаката е за температурата надвор од водата, но, наводно и темературата на водата е под стандардниот минимум.
Испративме прашања до управата на СЦ „Борис Трајковски“ во врска со поплаката, но, до објавувањето на текстов не добивме одговор. Кога ќе го добиеме, веднаш ќе го објавиме.
– Децата се жалат дека на базен е многу ладно, дува од сите страни. Особено е проблематично за оние деца што имаат тренинзи наутро во седум часот кога надвор е и минус 6 степени. Температурата на базенот е 16-17 степени (се мисли на температурата надвор од водата н.з.) – ни се пожали соговорничката.
Наводно, пливачите плаќаат по 3.500 денари месечно за тренинзите.
– Еден родител ми кажа дека ќерка му утрото и излегла од базен со модра уста. Јас моите не ги пуштам наутро, затоа што исто се жалат дека им е многу ладно, викаат дека им дувало од сите страни – ни вели соговорничката, која сакаше да остане анонимна.
По правило температурата на водата треба да е 26 степени, а надвор треба да е многу потопло од тоа. Децата викаат и водата е ладна, ни вели нашата соговорничка.
– Децата не отидоа на зимски подготовки затоа што скапи се цените и наводно базенот ќе работи, по два тренинга ќе имаат, ама какви два тренинга, смрзнаа – вели таа.
Стотици млади пливачи и пливачки од над 20 клуба и пливачки школи тренираат секојдневно на базенот „Борис Трајковски“.


