Младите кошаркари ја победија Грузија и ќе играат во четвртфиналето на ЕП

Нов добар натпревар за Лука Савиќевиќ/фото: www.fiba.basketball/europe

Кошаркарската репрезентација на Македонија до 20 години обезбеди пласман во четвртфиналето на младинското Европско првенство Б дивизија што се одржува во Грузија откако го совладаа домаќинот со 76:73.

Избраниците на селекторот Никола Василев со скор од три победи и еден пораз завршија на второто место во групата Б зад Шведска која имаше максимален учинок. Младите македонски кошаркарки покажаа две лица, во второто полувреме одиграа послабо и дозволија двоцифрена негатива, за во второто полувреме да бидат фантастични и на крајот да слават со 76:73.

Грузијците првиот дел го завршија со предност 37:44, но во еден момент имаа 12 поени предност (31:43 во 17 минута). Сепак, благодарение на подобрата игра во нападот и расположениот Савиќевиќ предноста се намали на подносливи минус шест (37:43).

Во третата четвртина избраниците на селекторот Василев одиграа одлично и успеаја да направат резултатски пресврт и по двете тројки по ред на Петрушевски, Македонија поведе со 57:53 во 27 минута. Падот на концентрацијата во последните моменти го искористија Грузијците да постигнат две тројки во одлучувачката четвртина да влезат со минимална предност од 57:59.

Во воведните минути од последната четвртина се играше поен за поен, за на три минути до крајот, Македонија да поведе со 70:65. Но, потоа следеше во нова серија на грешки и нереализирани обиди, кои скапо можеа да нè чинат по пропуштените шанси на Данаиловски и Савиќевиќ да го решат натпреварот предвреме. Во финишот, Македонија водеше со 72:67, но Грузија со тројката на Тавакарашвили на точно една минута до крајот намали на 72:70.

Потоа Савиќевиќ погоди едно од двете слободни фрлања по што повторно Тавакарашвили на 35 секунди до крајот погоди тројка за израмнување. Во следниот напад, Савиќевиќ повторно се најде на линијата за слободни фрлања и погоди само еднаш но благодарение на украдената топка на Петрушевски, Миловановиќ на 11 секунди до крајот ги постигна поените за триумф на Македонија и пласман во четвртфиналето.

Савиќевиќ и Андоноски постигнаа по 14 поени, Петков даде 13, а Петрушевски 10 поени. Четвртфиналните натпревари ќе се играат за два дена, а извесно е дека противник на Македонија ќе биде селекцијата на Естонија, како најдобра од групата „А“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот