Мистериозна анкета за родителите на учениците: МОН негира дека барало податоци од училиштата

Наставниците преку вибер-групи завчера ги замолија родителите на барање на МОН итно да ги напишат името и презимето на ученикот, адресата на живеење и општината и да одговорат на 4 прашања за тоа дали дома имаат компјутер и интернет.

Родителите на основци од повеќе општини вчера попладне преку вибер или месинџер од наставниците добија анкети со 4 прашања за тоа дали имаат компјутер за учење од дома, со објаснување дека податоците итно ги побарало Министерството за образование, но од МОН велат дека не испратиле никакви барања за податоци до училиштата.

Според дадените упатства од наставниците, родителите требаше да ги напишат името и презимето на ученикот, адресата на живеење и општината и да одговорат на прашањата: дали во вашиот дом имате компјутер или паметен телефон (барем еден во семејството), дали дома имате интернет, дали сте корисници на социјална помош и дали имате уште некој проблем со кој се соочувате (на пример, еден компјутер, повеќе деца во семејството). Директорите на некои училишта ни потврдија дека барањето за овие податоци стасало вчера попладне од МОН по електронска пошта, со насока дека одговорите за тоа колку деца немаат компјутер дома им се потребни итно и затоа одговорите требаше да им ги испратат денеска до крајот на работниот ден.

Но, од МОН велат дека не барале такви податоци од училиштата и дека веројатно самите училишта се организираат со анкети за да направат увид колку ученици не можат да ја следат наставата на далечина во вонредната состојба.

– Министерството за образование не побара такви податоци до училиштата. Според уредбите со законска сила што ги донесе владата за основното и за средното образование, образованието во вонредната состојба се организира на далечина со примена на средства за електронска комуникација, а училиштата сами одлучуваат кои средства и уреди за комуникација ќе ги користат. Такви насоки им даде Министерството за образование на сите училишта. Тие се должни да најдат начин да ја спроведат наставата со далечинско учење и сами да им помогнат на учениците што немаат уреди за електонска комуникација. Училиштата можат да бараат донации од општествено-одговорни фирми или пак да купат од сопствените буџети. На оние деца што немаат пристап до интернет, а имаат комјутер, можат материјалите за учење да им ги доставуваат снимени на стик – велат од МОН.

Дел од родителите се збунети поради анкетирањето, затоа што наставничките им кажале сите да одговорат на прашањата, без разлика дали децаат имаат уреди за комуникација или не, па во групите на вибер или месинџер речиси сите, меѓудругото, ги напишале и своите домашни адреси. Останува нејасно кој ја прави анкетата и со која цел. Вчеравечер многу родители се израдуваа дека Министерството за образование ќе им помогне во набавката на комјутери или други уреди, затоа што немаат проблем само домаќинствата без компјутер или интернет, туку и семејствата каде што има повеќе ученици, а само еден уред.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот