Мистеријата за Бермудскиот триаголник се продлабочува: Нова теорија укажува на чудни сили кои се криеле под морето
Нова теорија ја разбуди јавната љубопитност, обидувајќи се да објасни зошто Бермудскиот триаголник со децении, па дури и со векови, се поврзува со мистериозни исчезнувања на бродови и авиони.
Препорачано
Наместо вонземјани, временски портали или древни клетви, фокусот сега се префрла на природни појави – поточно, на ретки, но потенцијално опасни испуштања на метан од океанското дно, пренесува „Дејли мејл“.
„Зборуваме за ретки комбинации…“
Истражувачите одамна укажуваат на можноста дека невообичаени еколошки услови, како ненадејни и силни ослободувања на метан-гас од морското дно, можат привремено да ја нарушат пловноста на бродовите и работата на авионските мотори.
Според Роналд Капер од едукативната платформа „Што ако, наука“ (What If Science), оваа појава можеби била активна во минатото, но со текот на времето исчезнала, што би можело да објасни зошто бројот на инциденти во областа на Бермудскиот триаголник значително се намалил во последните децении.
– Зборуваме за ретки комбинации на природни фактори кои можеле привремено да создадат исклучително опасни услови – навел Капер.
Стручњаците предупредуваат на претпазливост
Некои научници сметаат дека Бермудскиот триаголник во одредени историски периоди бил подложен на „кластери“ на несреќи токму поради тие уникатни околности. Ако оваа теорија се покаже како точна, таа би можела да стави крај на децениските шпекулации, без притоа целосно да ја уништи мистиката што и понатаму ја опкружува оваа област.
Сепак, експертите повикуваат на претпазливост. Иако новата теорија привлекува големо внимание на форумите и социјалните мрежи, доказите сè уште се ограничени.
Американската крајбрежна стража нагласува дека не постои официјално признаена географска опасност во таа област, како и дека многу од пријавените инциденти со текот на времето биле преувеличени или погрешно интерпретирани.
Опасности поврзани со метанот
Бермудскиот триаголник е непрецизно дефинирана област од околу 500.000 квадратни милји во западниот дел на северниот Атлантски Океан. Најчесто се опишува како триаголник чии точки се Мајами на Флорида, островите Бермуда и Сан Хуан во Порторико.
Според нова студија, ерупциите на метан од морското дно претставуваат веројатно објаснување за ненадејните потонувања на бродови или откажувања на мотори во тој регион. Ослободувањето на гасот може да ја намали густината на водата, поради што бродовите ја губат пловноста, а под одредени услови може да влијае и на помалите авиони што летаат ниско над океанот.
Капер истакнува дека слични опасности поврзани со метанот се појавуваат и во други делови од светот, но доколку Бермудскиот триаголник во еден период имал привремено „активно поле“, тоа би можело да го објасни наглиот пораст, а потоа и падот на бројот на исчезнувања во одредени историски периоди.
– Некои пошпеуклативни гласови сугерираат дека триаголникот бил краткотрајно погоден од непознат природен феномен кој денес веќе не постои. Не вонземјани или портали, туку ретки комбинации на еколошки сили. Метанот ослободен од морското дно, на пример, веќе е посочуван како опасност способна да ја наруши пловноста и моторите. Иако доказите сè уште се оспоруваат, познато е дека вакви испуштања на гас се случуваат и во други региони на светот – напишал тој.
Бројни бизарни теории
Од друга страна, скептици како Најџел Вотсон, автор на книгата „Разгледување на портрети од средби со вонземјани“, сметаат дека мора да се разгледа поширок спектар на можности.
– Некои мислат дека станува збор за премин во други димензии, други веруваат дека се работи за необични магнетни аномалии и енергии. Но, мора да ја земеме предвид и фактичката состојба дека многу настани во Бермудскиот триаголник се преувеличени и манипулирани за да звучат помистериозно отколку што навистина се. Исто така, постојат и други таканаречени „мистериозни триаголници“ во различни делови од светот. Интересно е колку често бараме и „наоѓаме“ чудни појави токму во триаголни обрасци – рекол Вотсон.
Јавноста е фасцинирана од Бермудскиот триаголник повеќе од 500 години, уште од патувањето на Кристофер Колумбо во 1492 година, кога тој забележал необични светла на небото. Љубителите на паранормалното долго време тврдат дека оваа област е проколната или поврзана со вонземска активност, временски портали или изгубени цивилизации.
Популарноста на овие идеи дополнително пораснала по објавувањето на книгата на Чарлс Берлиц од 1974 година, во која се тврди дека повеќе од 1.000 луѓе го загубиле животот, а бродови и авиони исчезнувале „без никаква трага“.
Бермудскиот триаголник и понатаму интригира
Со текот на годините, како можни причини за инцидентите во Бермудскиот триаголник се спомнувале и џиновски бранови, необични магнетни полиња и екстремни временски услови.
Меѓутоа, осигурителни куќи, како и американската крајбрежна стража, тврдат дека не постојат докази дека оваа област е поопасна од другите прометни поморски рути, како и дека многу исчезнувања биле погрешно пријавени или сензационалистички прикажани.
И покрај сè, Бермудскиот триаголник и понатаму ја интригира и јавноста и истражувачите. Новата теорија за метанот можеби не звучи толку спектакуларно како приказните за НЛО, но токму таа би можела да понуди најреално и научно засновано објаснување за мистерија стара повеќе векови.


