Мишел Јео со солзи во очите ја прими почесната „Златна мечка“ на Берлинале
Малезиската актерка Мишел Јео беше емотивна кога ја прифати почесната „Златна мечка“ за животно дело на 76-тото издание на Интернационалниот филмски фестивал во Берлин – Берлинале.
Препорачано
Со ова признание, познатата актерка додаде уште една престижна меѓународна награда на својата богата колекција награди.
По прикажувањето на монтажа од исечоци од нејзините најпознати филмови, вклучувајќи ги „Злобница“, „Клекнат тигар скриен змеј“, „Сè насекаде одеднаш“, „Дамата“ и раните акциони класици од Хонг Конг, со солзи во очите Јео се обрати на публиката со трогателен говор.
– Терминот „животно дело“ звучи како заклучок, но јас претпочитам да го гледам како пауза, момент да здивнам, да се осврнам назад и потоа да продолжам понатаму. Секако, внимателно, за некој да не ми ја одземе оваа мечка – рекла таа со насмевка.
Таа нагласи дека Берлинале ѝ значи повеќе отколку што можат да опишат зборовите, потсетувајќи се дека Берлин ја прифатил во време кога сè уште го барала своето место во филмската индустрија.
– Кога сè уште се обидував да го најдам своето место, Берлин ме пречека со раширени раце. Тоа значеше дека има простор за гласови од маргините и за уметници кои штотуку се обликуваа. А, денес можам да кажам дека сè уште се обликувам, можеби малку побавно, но исто толку тврдоглаво – додала таа.
Таа, исто така, се присети на своето детство во Малезија, нагласувајќи дека никогаш не можела да замисли дека девојка која ја сака дисциплината, танцот и големите соништа ќе патува низ светот преку филмски приказни.
– Мојот пат водеше низ различни јазици, култури, континенти и жанрови. Понекогаш беше лесно, понекогаш болно, но секогаш водена од љубопитност и длабока верба во филмот. Филмот ми даде не само кариера, туку и живот многу поголем отколку што можев да замислам – рекла таа.
Додаде дека признанието не ѝ припаѓа само нејзе, туку и на сите режисери, продуценти, колеги и членови на екипата со кои соработувала, а особено го спомена својот покоен татко.
– Го носам со себе, неговата дисциплина, смиреност и верување дека ако нешто вреди да се направи, вреди да се направи правилно. Знам дека вечерва би бил горд – заклучила таа.
Наградата ѝ ја врачи режисерот Шон Бејкер, кој откри дека првпат ја видел Јео во филмот „Динамитски борци“ од 1987 година, признавајќи дека веројатно станува збор за „сомнителна пиратска касета“. Ја опиша како актерка што се случува еднаш во генерацијата, присуство што ја менува енергијата на просторот во моментот кога се појавува на екранот.
Примајќи ја наградата, Јео на шега му рече на Бејкер дека би била среќна повторно да соработува со него, но со еден услов: „Само без секс сцени“.


