Мирчевски се врати во Пелистер: Се надевам „Чкембари“ ќе ми простат за трансферот во Вардар
Пелистер денеска и официјално го претстави Мартин Мирчевски како ново засилување за претстојната сезона, а по враќањето во матичниот клуб 29-годишниот офанзивец испрати порака до навивачите и ја истакна својата желба да помогне во враќањето на битолскиот тим во најсилната конкуренција.
Препорачано
Мирчевски, кој е дете на Пелистер, во текот на кариерата настапуваше и за Вардар, а токму на тој период се осврна во своето прво обраќање по потпишувањето на договорот.
„Како играч ќе го дадам својот максимум за да му помогнам на клубот повторно да расте и да се развива во вистинската насока. Ми се допадна проектот што ми беше претставен и верувам дека, ако сите работиме професионално, Пелистер многу брзо ќе се врати таму каде што му е местото“, изјави Мирчевски.
Тој упати и порака до навивачката група „Чкембари“ и до битолската јавност, барајќи разбирање за неговата одлука во минатото да го облече дресот на Вардар.
„Се надевам дека Чкембари и цела Битола ќе ми простат за мојот трансфер во Вардар. Би сакал да ставиме точка на минатото и сите заедно да се радуваме на секоја победа и на секој успех на Пелистер“, порача новото засилување.
Мирчевски нагласи дека интересот на клубот мора да биде над сè и дека главната цел е брзо враќање во Првата македонска фудбалска лига.
„Пелистер е име, презиме и бренд во македонскиот фудбал и е поголем од сите нас. Без разлика на разочарувањата и емоциите од минатото, време е тие да останат зад нас. Нашата заедничка цел е јасна, експресно враќање во Првата лига. Само обединети можеме да ја оствариме таа цел“, истакна Мирчевски.
Минатата сезона Мирчевски го носеше дресот на Силекс, а во кариерата собираше искуство и надвор од Македонија во екипите на ТСЦ и Железничар.


