Министерот Хоџа со мислење: Ако се укине четвртата класа тутун, ќе се постигне повисока откупна цена

Фото: mia.mk

Точно е дека откупот на тутунот се одвива со многу слаба динамика, но тоа е така поради ковид-19 кризата и временските услови. Засега, на отворените четири пункта, се предадени вкупно 256 тони по просечна цена од 163 денари, соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа.

Хоџа излезе од состанокот со производителите и преработувачите кој се уште трае, за да информира што е досега разговарано.

Се размислува, рече министерот, за укинување на четвртата класа тутун за да се зголеми просечната откупна цена, но допрва ќе се разгледува начинот како тоа правно да се изведе. Производителите се жалат на лоша проценка од страна на откупувачите, а откупувачите на подметнувања од страна на производителите, дека мешаат тутун со послаб квалитет во повисоките класи.

Министерот сепак порача дека целата договорена количина тутун од годинашната реколта ќе се откупи. Има и најава од преработувачите дека ако се појави вишок, тие ќе излезат во пресрет. Уште е рано, оцени, да се каже дека имаме лоша реколта и дека продажбата се одвива лошо.

– Би апелирал на трпение, да почекаме да се отворат сите пунктови за да видиме каков ќе биде текот на откупот. Тогаш ќе имаме најјасна слика. Ги охрабрувам производителите, доколку забележат нерегуларности при проценката на тутунот и сметаат дека им е нанесена неправда, да ги искористат законските можности, да го блокираат пунктот и да побараат Второстепена комисија на која јас лично би присуствувал. Свесни сме дека поради временските услови оваа реколта е за нијанса послаба во квалитет од лани, но има голем број забелешки за вредувањето на родот. И купувачите искажаа многу забелешки за некои проивзодители кои сакаат да наметнат други класи во откупните кутии, истакна Хоџа.

Министерот најави постојани инспекциски контроли на терен, но и најдобри можни решенија кои, како што рече, ќе бидат од корист за двете страни. Никој, подвлече, не смее да биде оштетен. Процесот не е оставен без мониторинг и постојано се следи.

Во однос на размислувањето за укинување на четвртата класа тутун, повтори дека ќе се бара правна издржаност.

– За мене лично е нелогично да има четврта класа тутун, но останува да видиме како нејзинито укинување може правно да се изведе. Ги разгледуваме правните можности. Мојот личен став е дека четврта класа не треба да постои. Мислам дека така би се покачила просечната цена и реално би имало некој вид задоволувања на барањата на производителите, потенцира Хоџа.

Лани просечната откупна цена на тутунот беше 215 – 220 денари и тенденцијата е годинава да се достигне барем приближно.

– Со евентуалното укинување на четврта класа тутун цената автоматски ќе се покачи. Но, да бидеме свесни дека поради за нијанса полошиот квалитет, можеби нема да се достигне ланската цена, но да се обидеме да бидеме барем приближно во таа висина, рече министерот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот