Мини чизкејк со јагода и бела чоколада, брз и лесен десерт на Дијана Иваноска
Дијана Иваноска со својот талент за комбинација на вкусови нè носи на едно исклучително гастрономско патување. Иваноска стои зад инстаграм-профилот „Dash of Spice“ и ни ги открива малите тајни за создавање магија од вкусови. Своите рецепти почнала да ги споделува со своите следбеници и пријатели од почетокот на пандемијата.
Препорачано
„Го сакам секој дел од процесот, но најмногу уживам во фотографирањето на храната“, ни открива Дијана.
Инвентивната Дијана денеска споделува рецепт за едно гастрономско уживање – мини чизкејк со јагода и бела чоколада.

Потребни состојки:
За кората:
- 200 г мелен кекс
- 100 г стопен путер
За кремастиот дел:
- 300 г крем-сирење
- 110 г шеќер
- 300 мл слатка павлака
- 1 кесичка желатин
- 4 лажици вода (за желатинот)
- 200 г јагоди или малини
- 150 г бела чоколада
За декорација:
- Слатка павлака (по избор)
„Од оваа количина ми излегоа 6 мини чизкејкс во силиконски калап и еден во класичен калап од 20 цм“, вели Дијана.
Подготовка:
Во еден сад измешајте го кексот и стопениот путер. Ќе добиете смеса слична на влажен песок. Распределете ја смесата во калапите и натапкајте ја убаво на дното.
Стопете ја чоколадата. Желатинот измешајте го со ладната вода и оставете да набабри околу десет минути. Потоа стопете го на тивок оган, не треба да проврие само да се стопи. Изматете го крем-сирењето со шеќерот. Додадете го желатинот, чоколадата и слатката павлака. Матете околу пет минути.
Кратко изблендирајте ги или исецкајте ги јагодите. Додадете ги во смесата и нежно измешајте, но не целосно, нека останат и бели делови.
Распределете ја смесата врз базата од кекс. Измазнете ја површината и ставете ги во фрижидер неколку часа да се стегнат.
По желба, декорирајте го добиениот десерт со изматена слатка павлака, јагоди, прелив.
На здравје!



