Фото: Македонска Tаеквондо Федерација

Милијана Рељиќ: Мојот живот е посветен на Олимписките игри

Новата година е нов почеток, а за македонската олимпијка, теквондистката Милијана Рељиќ, ќе биде почеток на трката за учество на Летните олимписки игри Лос Анџелес 2028. Трката ќе биде долга, исцрпувачка, поените за олимписка норма тешко се собираат. Сепак, Мила е полна со ентузијазам и оптимизам. Надежта за успех е посилна од било каква пречка.

Милијана Рељиќ (22) е девојка со мисија. Македонската олимпијка има план да се избори за учество на Олимписките игри Лос Анџелес 2028 и таму да влезе во борба за медал. Сега се друго во нејзиниот живот е подредено на таа цел. Таа идната година ќе ја посвети сета својата енергија, волја, да дојде што поблиску до остварување на сонот. Новата година не е предоплимписка, но, е многу битна, со добри резултати да освои што повеќе поени што ќе ја доближат до обезбедување олимписка норма за Игрите 2028. Мотивација не и недостига, желбата е голема, таа и нејзиниот главен тренер Александар Ефтимов имаат план. Но пред неа се и многу пречки, кои нејзините колешки од поразвиените земји ги немаат.
Финансии, максимални услови за тренинг, сето тоа за спортистка од Македонија е многу потешко достижно. Затоа Мила треба да вложи повеќе, да биде многу поупорна од нејзините колешки од побогатите и спортски поразвиени земји, за да дојде до истата цел.

Милијана Рељиќ и нејзиниот тренер Александар Ефтимов/Фото: facebook.com/aleksandar.eftimov.79

Мила знае што сака

– Целта ми е зацртана, мојата мисија е да се изборам за норма за учество на ЛОИ Лос Анџелес 2028. Врвниот спорт бара целосна посветеност, не ми недостига волја и решителност да се борам за тоа што го сакам. Слободно време имам многу малку, но, кога нешто сакате од длабината на душата, ниедна жртва не е преголема. Нема однапред гарантиран успех, но, патот до него ми е познат. Подготвена сум да го одам до крај, како и досега. Можната награда е нешто што максимално исполнува, претставување на својата земја на најголемиот спортски настан е неискажлива награда. Медал е нешто за што спортист од олимписките спортови живее. Ќе биде тешко, многу тешко, но, тоа воопшто не ме плаши… – вели Милијана. Но, пречките на патот до успехот не се малечки, особено во нашава спортска средина.

Како да се победи и покрај се…

– Се случувало и да немам ни сала за тренинзи, како што беше во пресрет на минатите Олимписки игри 2024, борбата со недостиг на финансии ни е хронична болка, но заедно со тренерот Ефтимов ги минуваме и овие пречки, колку можеме поуспешно, пречки кои моите колешки од поразвиените земји не ни сонуваат дека постојат – вели Рељиќ.

– Еве пример. Двократната олимписка шампионка од Британија, Џејд Џонс, која ја совладав во првото коло на олимпискиот турнир во Париз, има околу десет пати поголема олимписка стипендија од мене, цел тим тренери и стручњаци се грижи за нејзините подготовки, тренинзи, кампови, кондиција… Така е и со другите „големи“. Она со што ние располагаме е многукратно помалку. Сепак, јас ја победив, момент што многу ме охрабри, ми покажа дека можам, колку и да оди тешко – вели Милијана.

Борба со повредата и со Кинезинката

Тешко беше и изминатава година, Рељиќ на СП во Кина отиде со големи амбиции, таму почна одлично, но, тогаш дојде повредата…

– Минатата година фокусот беше на Светското првенство во октомври. Во првото коло бев слободна поради добар ранкинг, потоа ја победив Бразилката. Бразил е инаку моќна репрезентација во овој спорт. На СП, Бразилките освоија неколку медали. Но, во таа борба го повредив бутниот мускул. Иако едвај стоев, во следното коло влегов во борба со домашна натпреварувачка. Со тренерот направивме тактика да работиме само со блок и со „бокс“ зашто не можев да удирам со нозе, иако теквондото е 90 отсто ножна техника. Сепак и така за малку ќе ја победев. При резултат 0-0 судиите нормално ја доделија победата на домашната претставничка, иако јас зададов шест-седум чисти удари со рака. На таков турнир кога е тесна борбата помеѓу Македонија и Кина, а Кина е домаќин, судиите ќе бидат наклонети кон домаќинот. Така, на крај и со скинат мускул завршив деветта на СП и сега имам доволно поени за да учествувам на гран-при турнирите оваа година. Инаку, гран-при турнирите се најважни кога се собираат поени за учество на олимписки игри – вели теквондистката.

Милијана Рељиќ со наградата „Златна Олимпија“ за најуспешна спортистка во 2025/Фото: facebook.com/aleksandar.eftimov.79

МОК ја прогласи за спортистка на годината

Милијана со теквондо започнала на шест-седум годишна возраст, повеќе со игра на случајот. Сега е толку навлезена во овој спорт, што без него не може. Македонскиот олимпски комитет ја прогласи за спортистка на 2025 година, нешто што и дава екстра-мотивација да продолжи уште поупорно.

– Повторното освојување на Златната Олимпија е потврда за врвната форма на Мила. Секако тоа е мотивација за уште поголеми успеси. Оваа награда го докажува континуитетот на нејзината форма и успешниот од кон Олимписките игри во Лос Анџелес 2028 – вели нејзиниот тренер Александар Ефтимов.

Акцент на гран-при турнирите

Следуваат силни турнири за собирање поени за ЛОИ 2028. Во февруари во план се Фуџарија (ОАЕ), па Словенија опен. Има и два силни турнири преку океанот, САД и Канада опен. Но тоа чини премногу и мислам дека ќе немаме пари. Во текот на 2026 целта е да се освојат минимум 40 поени во првата и 40 поени во втората половина од сезоната. Во мај имаме Европско во Минхен каде се надеваме конечно на медал. Веќе од јуни почнуваат гран-при турнирите, најважните во собирањето поени за ЛОИ 2026. Ги има четири. Прво во Рим, потоа во септември во Париз, во октомври во Муџу, Кореа, во декември е финалето во Астана, Казахстан. Меѓувреме имаме турнири во Ниш, во Анталија, Германија, Шведска, Естонија, Швајцарија…Во август се Медитеранските игри во Италија – вели Ефтимов.

Милијана Рељиќ и претседателот на МОК, Даниел Димевски/Фото: mok.org.mk

Пеколен распоред, недостигаат финансии

– Распоредот на Мила Рељиќ за 2026 е пеколен со 18-20 меѓународни турнири за да се влезе во првите пет во трката за А норма за Лос Анџелес. Тоа повлекува многу трошоци што и со олимписката стипендија од 1.600 долари месечно е премалку за сите натпревари, па дефинитивно ќе треба и Министерството за спорт да не вклучи во олимписката програма за да ни помогне да избориме норма – смета тренерот Александар Ефтимов.

Тренинзи со елитата

– Што се однесува до тренинг кампови, планирани се кампот во Прага, во Јордан, каде Мила беше на двонеделни подготовки во септември. Во зависност од финансиите ќе одлучиме понатаму на кои тренинг-кампови ќе се оди. Не можам да опишам колку е битно да се тренира со светската елита. Впрочем Мила така и успеа да стигне до светска форма. Ако трениравме само тука Мила одамна немаше да биде професионален и успешен спортист – вели тренерот Ефтимов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот