Миленкоски: Европската лига 2026 нема да биде само тест, таа носи и голема задача
Со нова енергија и нови лица, но и дел од „староседелците“ машката сениорска одбојкарска репрезентација попладнево во хотелот „Монтана“ во Крушево ги започна подготовките за учеството во Европската лига 2026. Селекторот Јошко Миленкоски прозиваше, а на првиот состанок се појавија 18 одбојкари, поголемиот дел од нив првпат во А – селекцијата, на кои се гледа како дел од иднината на тимот.
Препорачано
Според најавеното интернационалците Никола Ѓоргиев, Владо Милев, Александар Љафтов, Филип Савовски и Филип Маџунков, како и Стојче Арсов ќе се приклучат на 13 мај во Скопје. Традиционално со ручек и работен состанок селекторот Миленкоски ги поздрави сите играчи кои му се ставија на располагање и истовремено ја објасни „мисијата“ која ја очекува репрезентацијата во претстојниот период.
За разлика од претходните години кога учеството во Европската лига се сметаше како подготовка за некое друго натпреварување, сега сериозно се сфаќа ова учество. Европската лига 2026 за Македонија има двојно значење, како прв дел од квалификацискиот циклус за континенталниот собир во 2028 година, но истовремено и како прв дел од подготовките за настапот на Европското првенство 2026 во септември во Софија.
Машката репрезентација првиот турнир во Европската лига 2026 го игра на домашен терен, односно во салата „Парк“ во Струмица, каде на 5 јуни ја пречекува Холандија, додека на 7 јуни игра против Луксембург. Вториот турнир нашите одбојкари го играат во Грција, во Атина кога на 13 јуни ќе се соочат со Исланд, а ден подоцна играат со домаќинот Грција. Третиот турнир од Евро-лигата 2026 Македонија го игра на Косово, во Гњилане, каде на 19 јуни ќе се сретне со косовската репрезентација, додека на 20 јуни е предвиден мечот со Израел.
– Европската лига ја сфаќаме сериозно, како прв дел од циклусот за следното Европско првенство во 2028 година, а истиот пристап несомнено ќе го имаат и другите репрезентации. Европската лига нема да биде само тест или подготовка за некое друго натпреварување, туку сега многу посериозно ќе гледаат сите кон неа и ќе биде многу поквалитетна, но таа носи и голема задача – пласман на ЕП 2028. Противниците на турнирите се познати и имате ривали како Холандија, Израел и Грција, чии квалитет ни е добро познат и ќе се обидеме да извлечеме што подобар резултат во дуелите со нив. Од друга страна оптимисти сме дека против Исланд, Косово и Луксембург може да запишеме победи, со оглед на тоа дека важиме за фаворите во натпреварите со нив – вели селекторот Миленкоски.
Потсетување, Македонија на ЕП е во групата Б заедно со селекциите на Бугарија, Израел, Полска, Португалија и Украина.


