Милатовиќ ја пофали Македонија дека меѓу првите ја призна Црна Гора, а Сиљановска возврати дека меѓусебното разбирање „побрзо ќе нѐ одведе до ЕУ“
Црна Гора силно го поддржува европскиот пат на Македонија, порача црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ кој е во официјална посета на државата. Тој на заедничката прес-конференција со македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова, нагласи дека целта на Црна Гора е да биде 28 членка на Европската унија.
Препорачано
„Нашите две држави ги поврзува искрено пријателство, заемна почит, а нашите билатерални односи се пример за доброседска соработка во регионот. Во нас оваа држава секогаш ќе има сојузник и полна поддршка. Имаме цел да станеме 28. држава членка на ЕУ и со тоа да покажеме дека европската перспектива на овој регион не е само сон, туку и реалност “ истакна Милатовиќ.
Шефот на црногорската држава високо ги оцени билатералните односи, нагласувајќи дека двете држави ги поврзува и длабоката историска блискост потврдена со меѓусебна солидарност и поддршка.
„Испраќаме пораки за регионална соработка и добрососедска поддршка. Го цениме фактот дека Северна Македонија беше меѓу првите држави што ја признаа Црна Гора и тоа стана цврст темел за развој на нашите билатерални и диплматски односи – нагласи Милатовиќ.
Тој забележа дека за жал економската соработка меѓу двете земји е под потенцијалот, бидејќи трговската размена изнесува околу 60-ина милиони евра, а спотред него може да биде значително повисока – од барем сто милиони евра. Уверен е дека заедничките иницијативи ќе придонесат за оваа цел, најавувајќи за утре и средба со бизнис заедницата во Македонија. Притоа најави дека Подгорица ќе го разгледа и прашањето за воспоставување авионска линија меѓу двете земји.
Сиљановска, пак, изрази жалење што е откажан самитот Брдо-Бриони, без да ги коментира причините за тоа, но порача дека регионалната соработка не е само обврска туку и право, а на Западен Балкан – и императив.
„Нашето разбирање побрзо ќе нѐ одведе до ЕУ и обратно – ако нема подготвеност да зборуваме и да соработуваме, сами си го отежнуваме патот до членството“, рече претседателката.
Двајцата укажаа на нужноста од брза реинтеграција на регионот на Западен Балкан во Европската унија, со оглед на високите безбедносни ризици, предизвикани од актуелните војни.
Сиљановска истакна дека заедничка визија е стабилен и просперитетен регион интегриран во ЕУ, а самитот ЕУ – Западен Балкан, како што рече таа, што ќе се одржи во Црна Гора, е доказ дека прашањето за членство на регионот не е само прашање поврзано за иднината, туку прашање што треба и може да стане реалност.
„Целосната интеграција на Балканот е неопходна за навистина ЕУ да биде заедница што инспирира и што е целосна. Регионалната соработка е не само наша обврска, туку е и право и дека меѓусебната поддршка на земјите од Западен Балкан за мене е императив. Ако не се почитуваме, не се разбираме меѓусебно, сами си го отежнуваме патот кон ЕУ – потенцира Сиљановска Давкова.
Таа исто така се согласи со Милатовиќ дека економската соработка мора да се зголеми, особено во секторите на градежништвото, туризмот, енергетиката, а исто така и во повторно отворање авиолинија Скопје – Подгорица или Скопје – Тиват.


