Мики Рурк собира пари преку донации за да не остане на улица: Должи 60.000 долари за кирија
Американскиот актер и поранешен борач Мики Рурк (73) се сврте кон платформи за собирање донации со цел да го спречи иселувањето од својот дом во Лос Анџелес, откако, според медиумските извештаи, задоцнил со плаќање кирија во износ од речиси 60.000 долари, пишува „Пипл“.
Препорачано
Според документите, на 18 декември Рурк добил официјално известување со кое се бара од него да исплати 59.100 долари заостаната кирија или да ја напушти изнајмената куќа во рок од три дена.
Mickey Rourke looks unrecognizable in rare sighting as he faces possible eviction https://t.co/QxORfYhnx0 pic.twitter.com/FTePrF680c
— Page Six (@PageSix) January 2, 2026
Бидејќи актерот во тој момент не бил дома, известувањето било поставено во просториите и испратено по пошта. Во судската пријава поднесена на 29 декември се наведува дека Рурк не ги исполнил бараните услови во предвидениот рок.
Со цел да ги обезбеди потребните средства, Рурк покрена „GoFundMe“ кампања под наслов „Помогнете му на Мики Рурк да остане во својот дом“.
Кампањата ја организирала Лија-Џоел Џонс, негова пријателка и член на менаџерскиот тим. Таа започна во недела, на 4 јануари, со цел да се соберат 100.000 долари, а во првите шест часа биле донирани нешто повеќе од 1.500 долари.
Во описот на кампањата се наведува дека Рурк се соочува со итна и исклучително тешка ситуација, а собирањето средства е покренато со негово целосно одобрување, со цел да се покријат итните трошоци за домување и да се спречи иселувањето.
Организаторите нагласуваат дека целта е да му се обезбедат стабилност и мир во овој стресен период, апелирајќи до јавноста за донации или споделување на кампањата. Џонс изјави за „Холивуд репортер“ дека Рурк поминува низ многу тежок период и дека е длабоко трогната од поддршката што ја добива.
Според судските документи, имотот што го изнајмува Рурк е куќа со три спални соби, со површина од околу 150 квадратни метри. Договорот за изнајмување бил потпишан во март 2025 година, со почетна месечна кирија од 5.200 долари, која подоцна била зголемена на 7.000 долари. Сопственикот на куќата, Ерик Голди, освен заостанатата кирија, побарува и покривање на адвокатските трошоци, како и раскинување на договорот.
Рурк почнал да ја изнајмува оваа некретнина непосредно пред да покрене правна постапка против продукцијата на шоуто „Celebrity Big Brother UK“, поради наводен спор околу хонорарот, по неговото контроверзно напуштање на реалити програмата во април 2025 година.
Тогаш неговата менаџерка, Кимберли Хајнс, изјави дека продукцијата покажала непочитување кон актерот, јавно го понижила и одбила да му ја исплати договорената сума.
ФОТО | Мики Рурк непрепознатлив: На актерот му се заканува иселување од домот во Лос Анџелес


