Мицкоски за ФАЦ: Груевски и Владата имаат „валкан дил“, за да издејствуваат уставни измени

За да издејствува уставни измени, владата подготвува валкани дилови, тврди Мицкоски во разговорот за весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, пренесува Дојче Веле.
Таа планира да му вети кривична неказнивост во Унгарија на побегнатиот поранешен премиер Никола Груевски за тој да се врати и да помогне, со помош на неговите поддржувачи, уставните измени да поминат во Парламентот.
Груевски се наоѓа во тајна комуникација со владата’, додава Мицкоски.
„Владата верува дека може да ја подели нашата партија.’ Но, тоа нема да успее, Направивме сѐ за нашата европска перспектива. Но, нам ни се поставуваат постојано нови барања’. На тоа сега е крај, доколку не биде прифатен неговиот предлог за одложена примена на уставните измени, тогаш нема да има никакви промени на Уставот,” дециден е Мицкоски во разговорот за весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
Инаку под наслов „Постојано нови барања за Северна Македонија“, германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг” донесува подолга статија на добриот познавач на регионот, новинарот Михаел Мартенс, кој водел разговор со лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во врска со пристапот на земјата кон ЕУ.
„Проширувањето на ЕУ повторно може да се ‘сопне’ на вето, зашто Бугарија ја блокира Северна Македонија. Шефот на опозицијата во Скопје се жали дека Софија систематски ја минира македонската државност“, пишува весникот, потсетувајќи на бројните перипетии со кои е проследен македонскиот евроинтегративен пат.
„На случајот на Северна Македонија идните недели би можело да се види дека европската политика на проширување и натаму е заглавена во ќорсокак. Земјата се наоѓа кратко пред повторна блокада на нејзиниот пат кон ЕУ, и тоа на непредвидливо време…
Земјата направи многу за да почне пристапни преговори, на барање на Грција го промени името во 2018 година и од Македонија стана Северна Македонија. Сега владата во Скопје е подготвена да се повини и на бугарското барање за влез во уставот на бугарското малцинство, но за уставни измени фали неопходното двотретинско мнозинство,“ пишува ФАЦ.