Мицкоски вели дека состојбата со горивата е стабилна, Божиновска пак смета дека ценовниот притисок е ублажен
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека состојбата со горивата во Македонија е стабилна и дека договорот со „Окта“ за попуст од три денари за дизел горивото треба да стапи на сила веднаш. Исто така рече дека нема потреба од ограничување на количината на гориво што го полнат странските државјани на пограничните простори.
Препорачано
-Имаме апсолутно доволно количини за граѓаните, зголемен е „консумот“ во одредени погранични области, со Албанија, со Косово, со Србија и со Грција, зголемен е вкупниот „консум“ за 10%, затоа што голем дел од тие граѓани доаѓаат кај нас и полнат горива, затоа што имаме и до 50 центи поевтини горива. Нафтоводот е во стабилна состојба, цевката е полна, складиштата се полни, државните резерви се полни за следните 60 дена, и апсолутно нема потреба од никакви мерки на ограничувања. Информиран сум дека и дел од аеродромите во околината се снабдуваат со керозин од кај нас. Предизвици има и ќе ги решаваме, но она што е најважно е дека како држава имаме најниска цена на горивата за граѓаните и за бизнисот“, рече Мицкоски.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска изјави дека со дополнителното зголемување на попустот за дизелот од 2 на 3 денари за литар, се ублажува ценовниот шок. Таа додава дека преземените мерки од страна на Владата, меѓу кои и намалување на ДДВ за горивата од 18 на 10 проценти, во комбинација со конкретни чекори од економските оператори, даваат резултати и оти цените на горивата се стабилизирани. Министерството за енергетика, нагласува таа, останува целосно посветено на следење на состојбите и, доколку е потребно, подготвено е да реагира со дополнителни мерки, со единствен приоритет – стабилен пазар и заштита на граѓаните и економијата.
– Паралелно, со намалувањето на ДДВ од 18 на 10 %, обезбедивме дополнително намалување на цените за 6 до 7 денари за литар и спречивме ценовен шок на пазарот. Ова е пристап што дава резултат, со активна улога на државата и со заедничка одговорност со приватниот сектор да постигнеме заштита на животниот стандард и стабилност на економијата – вели Божиновска.
„Окта“ го зголеми попустот за дизел на три денари – мерката е продолжена до 6 април – Слободен печат
Од Министерството нагласуваат дека тоа што „Окта“ ја продолжува иницијативата за попусти на горивата и по првично предвидениот рок на крајот на март, при што мерката ќе трае до 6 април, попустот за дизел се зголемува од 2 на 3 денари за литар обезбедувајќи дополнителна поддршка за потрошувачите и придонесувајќи кон стабилизација на пазарот.
– Овој чекор доаѓа како резултат на континуираната комуникација и координација помеѓу Министерството и компаниите, со јасна цел – некои од олеснувањата да се пренесат директно кон граѓаните и стопанството. Ова претставува потврда дека активната улога на државата дава резултати и дека преку партнерство со компаниите може да се обезбедат конкретни придобивки за граѓаните и за стопанството – вели таа.
Истовремено, според неа, клучна улога во стабилизирањето на цените има и владината мерка за намалување на ДДВ за горивата од 18 на 10 %, која обезбедила директно намалување на цените за 6 до 7 денари за литар и спречила дополнителен ценовен шок.


