Мицкоски вели дека царините од стратешкиот партнер биле очекувани, предложил договор за слободна трговија
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека веднаш по инаугурацијата на американскиот претседател Трамп било јасно и очекувано дека тој ќе воведе царини за увоз на производи од други земји во САД, но во исто време рече и дека ниту една земја во Европа не била подготвена за овој јасен и очекуван факт, а за такво нешто и никој не се подготвувал.
Препорачано
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера објави дека воведува царини за увозот на стоки од 60 земји во САД, а за Македонија постави царинска стапка од 33 отсто, многу повисока од онаа со која се оптоварува увозот од Европската унија (20 отсто). Од регионот, само Србија и БиХ имаат повисоки царински стапки од земјава, наспроти извиканото „стратешко партнерство“ што го имаме со САД. Косово, Албанија и Црна Гора добија царински стапки од само 10 отсто, исто како Велика Британија, најблискиот историски сојузник на Америка.
„Царините од 33 отсто што ни ги воведе САД се очекувани. Тоа беше јасно веднаш после инаугурацијата на претседателот Доналд Трамп и тој тоа го кажа. Ниедна земја во Европа не беше подготвена за тоа и никој не се подготвува претходно. Кога е проблемот тука, се седнува на маса и се разговара“, рече Мицкоски во гостување на „Алфа“.
Тој рече дека предложил да се потпише договор за слободна трговија со САД, за што почнал да разговара со заменик-помошникот на државниот секретар на САД, А. Касаноф, уште во јануари кога беше во САД.
„Уште во јануари со тогашниот заменик на помошникот државен секретар, Александар Касаноф разговаравме за потпишување на билатерален договор во рамките на стратешкиот дијалог меѓу двете земји во делот на економијата и трговијата. Уште тогаш почнавме, знаејќи дека ќе следат вакви процеси. Мислам дека тоа беше вистинскиот пат кој почнавме да го чекориме. Потоа како дел од целиот овој процес од наша страна се предложи да потпишеме договор за слободна трговија со САД и да нема царини. Дадов налог нашите надлежни институции да видат дали можеме да потпишеме ваков договор согласно важечките договори и истото му го предложив на државниот секретар за трговија на САД, Хауард Латник. Денеска разговор на оваа тема со него во Брисел имаше и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, како и со уште еден висок претставник на Белата куќа одговорен за Балканот. Од сите страни ова е поздравено како одлична идеја“, рече Мицкоски.
Сепак, Мицкоски не е сигурен дека таквата „одлична идеја“ ќе се оствари, но вели дека тоа би било „исклучителен чекор напред“.
„Доколку е возможно и доколку го направиме, тоа би било исклучителен чекор напред со кој би се потврдило и запечатило стратешкото партнерство“, вели премиерот, кој е оптимист и покрај очигледно поинаквиот однос кон земјава од страна на САД, што се виде и вчера со воведувањето на високата царинска стапка.
За воведувањето на американските царини кон ЕУ во износ од 20 проценти, тој рече дека ќе имаат „секундарни ефекти“ врз нашата економија, бидејќи „не е битна земјата на потекло, туку каде одат парите“.
„Очекувам дијалогот помеѓу ЕУ и САД, што ќе се развие во периодот кој што следи, да резултира со договор и дека ќе изнајдат начин да најдат решение или излез од оваа ситуација. Тоа е поголема опасност бидејќи ние во суштина во 2024 година, според податоците на нашиот Државен завод за статистика во САД имаме извезено стока во вредност од околу 110 милиони евра, а увезено 180 милиони евра и сме во дефицит. Оваа година во јануари имаме суфицит и имаме извезено околу 21 милион евра, а имаме увезено 12 милиони евра. Како производ најмногу извезуваме автобуси кои ги произведува странскиот инвеститор во Скопје. Тие како потекло се од тука, а земјата која ги продава е Белгија, бидејќи таму е седиштето на компанијата“, рече Мицкоски.


