Мицкоски повтори дека тоа што пишува „Тајмс“ за мигрантите не е точно, не објасни зошто Владата не испраќа демант до британскиот весник
Премиерот Христијан Мицкоски вечерва изјави дека не се точни пишувањата на британските медиуми во врска со тоа дека властите преговараат да се примаат во земјава мигранти на кои Британија им ги одбила барањата за азил.
Препорачано
– Не, нема вистина, порача Мицкоски во вечерашното интервју за „Сител“ за сторијата на лондонски „Тајмс“ која ја пренесоа и други британски медиуми.
Премиерот посвети поголем дел од времето посветено на оваа тема во интервјуто на критикување на односот на опозицискиот СДСМ кон темата со мигрантите. Тој не беше запрашан, ниту понуди објаснување за тоа зошто Владата, која десетина дена жестоко негира дека сторијата на „Тајмс“ е точна, досега не испрати демант до угледниот лондонски медиум.
Мицкоски рече и дека не може да го разбере „неодговорното однесување“ на СДСМ, кој според него „шири паника и страв кај граѓаните“.
– И не само што нема вистина, туку јас навистина не можам да ги сфатам овие политички гимнастики кои што ги прави опозицијата кај нас од аспект на сеење страв и паника кај граѓаните. Тоа е неодговорно однесување – рече тој.
Мицкоски рече дека владите на СДСМ биле „промигрантски“, бидејќи во 2017-тата година на владина седница усвоиле и донеле Национална стратегија, и преку Министерството за социјална политика и труд и испраќале дописи до општините и барале соодветни места и локации каде што би се изградиле потенцијални кампови.
– Од друга страна, ги разбирам затоа што ова е тема на која што тие мислат дека внатрешно ќе се мобилизираат, иако ако се вратиме наназад во минатото, ќе забележиме дека практично политиката која што тие ја воделе и нивните влади, е токму промигрантска, односно луѓе коишто воделе политика на интегрирање на мигранти. И тоа јасно го кажува националната стратегија од 2017 година усвоена и донесена на владина седница од страна на тогашното Министерство за социјална политика и труд, и врз основа на таа стратегија тие праќаат дописи во општините за да бараат соодветни места и локации каде што би се изградиле потенцијални кампови односно живеалишта на лица кои што се странски државјани и коишто би се интегрирале, читај мигранти – рече Мицкоски.
Премиерот рече дека не може да ги разбере „нивното неодговорно однесување, бидејќи сеат страв и паника кај одредена група граѓани“.
– А, од друга страна, ги разбирам поради внатрешните проблеми коишто ги имаат во рамки на структурата. Но, исто така не можам да ја разберам нивната пиар-стратегија бидејќи ова ќе им се удри толку силно од глава бидејќи ќе дојде март, април, ќе дојде јуни 2026, 2027, и ќе нема мигранти. И тогаш што правиме? На изборите повторно ќе треба да излезе во 2028 година пред граѓаните со јасен концепт што сме кажале, што сме направиле итн – рече тој.
Во однос на контрарезолуцијата поднесена денеска во Собранието од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски нагласи дека сето ова што го кажал досега е содржано во таа резолуција и ги повика пратениците од СДСМ да ја поддржат Резолуцијата.
-Ние денеска во парламентот доставивме Резолуција со која што јасно кажуваме дека сето ова кое што сега го зборувам во воведот е содржано во Резолуцијата, и нормално со осуда за неодговорното однесување на опозицијата, па еве нека ја поддржат, рече Мицкоски.


