Мигранти во Довер, Велика Британија /Фото: EPA-EFE/Stuart Brock

Владата преговара да примаме мигранти кои Британија ги одбила, пишува „Тајмс“

Мигранти од Африка и Азија кои барале, но не добиле азил во Велика Британија, би можеле да бидат депортирани во Македонија, според новиот план за намалување на преминувањата на мигранти преку каналот Ламанш. Според „Тајмс“, чија сторија ја пренесоа и други медиуми од Островот, македонската влада веќе преговара со британските за модалитетите со кои ова би се извело.

Македонија влегла во формални разговори со Велика Британија за организирање на „центар за враќање“ на мигранти наесен, според лондонскиот весник. Според предлогот, Велика Британија би ѝ плаќала на Македонија за секој мигрант што ќе го прифати, покрај инвестирањето во земјата и помагањето во нејзината безбедност од Русија.

Ова доаѓа откако македонската и британската влада во мај потпишаа „стратешки договор“ за инвестиции и кредити во вкупен потенцијален износ од шест милијарди евра од британските комерцијални банки. Владата го претстави договорот како „историски“, а сомневањата дека дел од него може да биде и обврската за прифаќање мигранти, ги негираше.

Николоски во Лондон го потпиша најголемото задолжување во независна Македонија

Според „шемата“ што сега ја открива „Тајмс“, мигрантите кои би дошле во Македонија потоа би имале можност да побараат азил во нашата земја или да добијат работни визи за ангажман во сектори во кои има недостиг на работна сила. Тие, според планот, нема да бидат притворени и би имале можност да заминат кога сакаат.

Британските власти веќе беа под силни критики за сличен откриен план за Руанда, а во изминатата година како можни дестинации за мигрантите одбиени во Британија се споменуваа и Косово и Босна и Херцеговина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот