Христијан Мицкоски / Фото: Фејсбук

Мицкоски: Имаме победа во 30 општини, а ова е порака за ДУИ

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на Македонија, Христијан Мицкоски, вечерва на партискиот собир по изборите изјави дека партијата остварила убедлива победа на локалните избори.

„Ветивме победа, имаме победа. Избраа луѓе што веруваат во работа. Оваа победа не е крајот, само почеток,“ изјави Мицкоски, поздравен со скандирања „ВМРО-ДПМНЕ!“ од присутните сопартијци.

Тој порача дека политиката може да има друго лице – без гнев, со достоинство, со дела, а не со празни ветувања, и дека секој глас е доказ дека граѓаните веруваат во чесност и промени.

„Секој човек што излезе, гласаше за вистината дека ќе биде подобро, дека чесноста вреди. Довербата не е награда – ова ни е обврска. Оваа победа не е само наша, туку на сите што веруваат дека државата треба да се движи напред,“ рече Мицкоски.

„Имаме победа во 30 општини – убедливо водство во повеќе градови“

Мицкоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ има победа во над 30 општини, меѓу кои Берово, Прилеп, Штип, Кавадарци, Битола, Гевгелија, Свети Николе и Сопиште, како и дека партијата води во Карпош.

„Разликата е 2 спрема 1, некаде 3 спрема 1. Победивме убедливо во првиот круг во Струмица. Убедлива победа имаме и во Берово, Прилеп, Штип, Кавадарци, Битола, Гевгелија, Свети Николе, Сопиште и други општини,“ рече тој, а публиката возврати со аплауз и скандирања.

„Ова е порака за ДУИ“

Според него, оваа победа е порака и за ДУИ, со која ВМРО-ДПМНЕ се натпреваруваше во неколку општини со албанско мнозинство.

„Овие избори се порака за ДУИ. Кога Али Ахмети се удираше во гради, реков полека, почекај, непријатно ќе биде кога ќе излезат резултатите,“ изјави Мицкоски, по што следеа извици „Вистина! Вистина!“ од публиката.

Мицкоски ги повика граѓаните да останат обединети и мотивирани во вториот изборен круг.

„Во вториот круг нема место за поделби и суети. Нема мали и големи општини, постојат само граѓани што сакаат достоен живот. Ова е моментот кога треба да бидеме едно,“ нагласи тој.

Тој ги повика и оние кои се двоумеле или мислеле дека сите партии се исти, да се приклучат кон, како што рече, вистинската промена.

„Не го делиме народот. Ова не е борба за фотелја, туку за чест и за иднина. Секој глас што ќе остане дома е подарок за оние што ја уништуваа Македонија, а секој глас што ќе излезе е чекор напред,“ рече Мицкоски.

„Победа со најголема поддршка досега“

Мицкоски оцени дека ВМРО-ДПМНЕ процентуално освоила повеќе гласови отколку на последните парламентарни избори и дека ова е најголемата победа на локални избори досега.

Мислам дека бројката е убедливо најголема на било кои локални избори во Македонија. Имаме победа во 30 општини, а водиме во Карпош. Разликата е огромна – 2 спрема 1, некаде 3 спрема 1,“ рече Мицкоски.

Тој посочи дека партијата бележи добри резултати и во општини каде порано имала потешка изборна база.

„Голем успех е што во Љуботен Дарко освои 429 гласа и му честитам за тоа. Во Карпош Сотир Лукровски се бореше против сите сојузи и подземни игри,“ изјави Мицкоски.

На крајот, Мицкоски нагласи дека оваа победа е заедничка победа на народот, и дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да ја потврдува со дела, не со зборови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот