Ми се оди на кафе, пиши дека не смеам да се вакцинирам!

Вакцинација Македонија Борис Трајковски
Вакцинација. / EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Вчера ми се јави пациентка која е вработена во градинка и ми кажа дека на работа ѝ побарале потврда зошто не смее да се вакцинира. Инаку, пациентката е здрава и одбива да прими вакцина. Секако, од моја страна доби одговор дека нема да издадам никаква потврда по желба на пациент, вели матична лекарка

Пациенти вршат притисок врз матичните лекари да им издадат потврда дека не смеат да се вакцинираат, за со неа да можат да пијат кафе или да одат на работа. Појавата ги вознемирува лекарите и станува предмет на дискусија во групите на Фејсбук во кои членуваат доктори по медицина.

„Вчера ми се јави пациентка која е вработена во градинка и ми кажа дека на работа и побарале потврда зошто не смее да се вакцинира. Инаку, пациентката е здрава и одбива да прими вакцина. Секако, од моја страна доби одговор дека нема да издадам никаква потврда по желба на пациент“, вели матична лекарка.

Друга нејзина колешка, пак, додава дека кај неа дошол пациент наводно вратен од вакцинален пункт поради хронични заболувања. Тој барал матичната лекарка да му издаде потврда дека не смее да се вакцинира, откако претходно кардиологот и пулмологот го одбиле посочувајќи му дека тоа е обврска на матичните лекари. Сепак, за ваква обврска, нема никакво известување до вработените во примарното здравство.

За да се ослободи пациент од вакцинација, потребно е да се издаде потврда од специјалист, но тоа се прави во исклучителни случаи на алергија на некоја од состојките на вакцината.

Додека граѓаните бараат начини да ја заобиколат вакцинацијата, коронавирусот не запира и ги полни болниците во земјава. Инфективната клиника во Скопје е максимално исполнета, а триесетина пациенти се хоспитализирани и во модуларната болница. Има и млади пациенти со клиничка слика. Во Тетово и во Гостивар исто така болничките кревети се максимално пополнети. Здравствените власти почнаа да го реорганизираат медицинскиот кадар откако бројот на позитивни нагло почна да се зголемува и се искачи на 7.705. Само за еден ден се регистрирани повеќе од илјада нови случаи. Во болниците се претежно невакцинирани лица, но има и мал број вакцинирани со една или со две дози. Лекарите смируваат дека нивната клиничка слика е полесна за разлика од невакцинираните.

Здравствениот систем е подготвен и се разгледуваат сите можни сценарија за евентуален притисок врз болниците со прием на пациенти со ковид-19. Ја следиме епидемиолошката состојба во цела земја и бројот на приеми на пациенти. Доколку се јави потреба, ќе се отворат и дополнителни капацитети за згрижување на ковид-пациенти. Подготвен е и кадарот и каде и да биде потребно ќе бидат испратени дополнителен број лекари и медицински персонал. Граѓаните максимално одговорно да се однесуваат – порача министерот за здравство Венко Филипче.

Скопје, Тетово и Гостивар се лидери по бројот на активни случаи. Во Скопје има 2.520, во Тетово 1.477, а во Гостивар 1.099 случаи. Тоа прави и во овие три градови да има најголем притисок за хоспитализации.

Во последните денови е забележан значително зголемен интерес за вакцинација помеѓу граѓаните, откако Владата најави дека за невакцинираните ќе има рестрикции, а за тие што влегуваат и излегуваат од државата ќе биде потребен или вакцинален сертификат, или негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа или сертификат за прележаност не постар од 45 дена. Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација, информираат од Министерството за здравство. На вакциналните пунктови во државата и на терен, вакцинирани се вкупно 624.819 граѓани.

Пусулчето за вакцина ги испразни кафеаните, моловите, обложувалниците

Комитетот за имунизација препорачува и прележаните да се вакцинираат

Комитетот за имунизација, водејќи се од препораките на Европскиот и американскиот Центар за инфективни заболувања, Европската агенција за лекови, Светската здравствена организација и Агенцијата за лекови на САД, препорачува две дози вакцина за сите граѓани. За целосно вакциниран се смета тој што примил две дози и поминале 14 дена по втората доза. Во однос на типот на вакцините, потребно е имунизација да се изведе со вакцина од ист производител, освен доколку не постои здравствена контраиндикација за истото. Прележувањето на ковид-19 не претставува пречка за вакцинација и лицата што ја имаат прележано болеста треба да се вакцинираат, посочуваат од Комитетот.

Кај лицата што во периодот меѓу примање на двете дози од вакцината се потврди дека се позитивни на ковид-19, втората доза на вакцината се одложува до период кога лицето ќе биде комплетно оздравено од болеста.

Русите тврдат дека ја модифицирале вакцината Спутник V за употреба против делта сојот

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот