Пусулчето за вакцина ги испразни кафеаните, моловите, обложувалниците

Вистински пустош во кафеаните крај Вардар регистрираше вчера нашиот фото-објектив. / Фото: Слободен печат/Ристо Пејовски

Од Сојузот на стопански комори прашуваат како е можно во моловите да не се дозволува влез на купувачи без потврда за вакцина или прележан ковид-19, а од друга страна, без таква потврда треба да работат вработените.

Празни кафеани, полупразни продавници и редарски служби по влезовите на објектите е новата слика во Скопје. Мислењата на граѓаните се поделени – дел од нив сметаат дека мора на некој начин да се стави крај на пандемијата, а дел велат дека ова се „фашистички мерки“.

Додека за забранетиот влез во кафеаните на граѓаните им стана сосема јасно, се добива впечаток дека сè уште до ушите на сите не допрела веста за тоа дека не можат да влезат во моловите. Вчера дел од граѓаните се изненадија од затекнатата редарска служба во моловите, а на дел од нив не им беше јасно што сè се подразбира под затворен трговски центар.

– Јас сум вакцинирана со две дози, но не го носев сертификатот, а не ми беше сликан ни во телефонот. Се обидов да влезам во „Тинекс“ во шопинг-центарот „Лиса“ во Ново Лисиче, но редарот се извини и ме врати. Не очекував дека и за таму ќе ми треба сертификат – затекнато ни кажа една скопјанка, која објасни дека и во маалските продавници ѝ кажале да си го носи сертификатот затоа што нема да бидат изненадени ако преку ноќ се бара и за кај нив.

На улиците и по парковите, пак, почна да се враќа старата слика од времето кога кафеаните воопшто не работеа. Клупите и зелените површини беа исполнети со луѓе со пијалаци и со сендвичи.

Низ слики и зборови, новонастанатата состојба по воведувањето на рестрикциите се пренесе и на социјалните мрежи. Се споделуваат слики од празни кафеани каде што до пред само неколку денови вриеше од луѓе, а сега нема никој. Дел од граѓаните велат дека ова ја отсликува реалната состојба колку малку во државава се вакцинирани, дел коментираат дека сега не е време за дружење и дека со ваков број заразени не би оделе во кафеана, а дел велат дека се вакцинирани, ама дека бојкотираат мерка со која се бара некој редар да ти бара сертификат.

Од Сојузот на стопанските комори, пак, реагираат дека мерките се неприменливи и дека ја загрозуваат иднината на сите стопански субјекти каде што мора да се постават редари и да се бараат сертификати и потврди. Оттаму прашуваат како е можно во моловите да не се дозволува влез на купувачи без потврда за вакцина или прележан ковид-19, а од друга страна, без таква потврда треба да работат вработените.

Се остава простор за произволно толкување на одлуките кое е потребно Владата недвосмислено да го појасни на пошироката јавност, како тоа дали мерките важат и за влез на лицата вработени во угостителските објекти, моловите и сите други објекти што се опфатени со забраната, доколку не поседуваат сертификат за вакцинација или потврда за поминати 45 дена од прележан ковид-19. Во овој момент во практика се случува при инспекциски надзор да се бара потврда за вакцинација за сите лица во објект, не правејќи разлика меѓу вработени и посетители, со што постои потенцијална можност за ограничување на правата на личен избор на лицата вработени дали да се вакцинираат. Недореченоста на мерките на Владата, ги става во незавидна положба работодавачите, кои не знаат дали и како треба да постапуваат – вели Александра Андреева, член на Управен одбор на Сојузот на стопански комори на Македонија.

Таа вели и дека се забележани случаи кога редарите не ги пуштаат помладите од 18 години да влезот во објектите, иако за нив нема одредба со која се бара да приложат потврда за влез во објектите каде постои забрана.

– Повторно останува дилемата и прашањето врз основа на кои овластувања редарската служба го црпи правото за легитимација и контрола на граѓаните – вели Андреева и потенцира дека и понатаму без никаква заштита остануваат потенцијалните жаришта како јавниот превоз и институциите каде што циркулираат стотици вработени и посетители.

Ваквата селективност и некоординираност во постапувањето со носење неспроведливи и дискриминаторски мерки го отежнува економскиот тек и ја влошува и онака тешката финансиска состојба на претпријатијата и влијае врз зачувување на работните места. Сојузот на стопански комори на Македонија е за воспоставување систем на заштита, но со мерки што се логични и недискриминаторски, со кои не само проформа, туку навистина ќе се постигне заштита на сите граѓани – вели Андреева.

Русите тврдат дека ја модифицирале вакцината Спутник V за употреба против делта сојот

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот