„Мета“ планира да отпушти 20 проценти од вработените: Закерберг ги намалува трошоците поради вештачката интелигенција
„Мета“ планира да отпушти 20 проценти или повеќе од своите вработени за да го компензира скапиот развој на вештачката интелигенција и да се подготви за поголема ефикасност што ќе ја донесе новиот начин на работа со помош на вештачката интелигенција. Засега не е одреден датум кога би можеле да се случат отпуштањата, ниту колку луѓе би можеле да опфатат, велат неименувани извори. Раководството на компанијата неодамна им сигнализирало за ваквите планови на високите раководители во „Мета“, велејќи дека треба да почнат да планираат како да ја намалат работната сила, велат изворите.
Препорачано
Од „Мета“ сè уште не ги коментирале овие обвинувања, објавува Гардијан. Доколку компанијата одлучи да отпушти 20 проценти од своите вработени, тоа ќе бидат најзначајните отпуштања за компанијата од реструктуирањето кон крајот на 2022 и почетокот на 2023 година. Според најновите податоци, на крајот на декември минатата година, компанијата имала речиси 79.000 вработени. Мета отпуштила 11.000 вработени во ноември 2022 година, или околу 13 проценти од нејзината работна сила во тоа време.
Четири месеци подоцна, компанијата објави дека затвора уште 10.000 работни места. Во текот на изминатата година, извршниот директор Марк Закерберг ја охрабри „Мета“ да се натпреварува посилно во сферата на генеративната вештачка интелигенција. Компанијата понуди огромни пакети за плати, некои вредни стотици милиони долари во текот на четири години, за да привлече врвни истражувачи на вештачка интелигенција во својот нов тим. „Мета“, исто така, рече дека планира да инвестира 600 милијарди долари во изградба на центри за податоци до 2028 година- пренесе Блиц.
Компанијата претходно оваа недела го купи Moltbook, платформа изградена за агенти за вештачка интелигенција. „Мета“, исто така, троши најмалку 2 милијарди долари за да го купи кинескиот стартап за вештачка интелигенција Манус, претходно објави Ројтерс. Закерберг алудираше на зголемена ефикасност кога во јануари рече дека почнува да гледа проекти кои некогаш барале големи тимови сега да бидат управувани од една многу талентирана личност. Службениците ги посочија неодамнешните подобрувања во системите за вештачка интелигенција како една од причините за промените. Така, во јануари, „Амазон“ потврди дека ќе намали околу 16.000 работни места, што е речиси 10 проценти од нејзината работна сила.
Планираната инвестиција на „Мета“ во вештачка интелигенција следи по серија неуспеси со моделите Lama 4 минатата година, а објавувањето на најголемата верзија на тој модел, наречена Behemoth, која требаше да биде објавена во лето, беше откажано. Тимот за вештачка интелигенција на компанијата се обидува да ја потврди позицијата на „Мета“ оваа година со развивање на нов модел наречен „Avocado“, но неговите перформанси не ги исполнија очекувањата, објави Гардијан.


