Илир Мета
Илир Мета / Фото: EPA-EFE/SZILARD KOSZTICSAK

Мета: Доста е од корупција во Албанија, да се угледаме на соседите

Албанскиот претседател Илир Мета реагираше на последниот извештај на Транспаренси Интернешнал за индексот на перцепција на корупцијата во кој Албанија има уназадување во однос на другите земји во регионот, и состојбата ја оцени како „многу сериозна и бара итно, ефективно и одговорно справување”.

– Доста е од корупција! Доста е од неказнивост! Додека државите Северна Македонија и Косово постигнаа значителен напредок во борбата против корупцијата, состојбата во нашата земја продолжува да се влошува. Во годишниот извештај на престижната Транспаренси Интернешнл, за индексот на перцепција на корупцијата во светот, Албанија има пад од еден поен во однос на минатата година, од 36 на 35 поени, стои во реакцијата на Мета.

Според Мета, овие податоци, за жал, во целост се во согласност со општото убедување и перцепција на граѓаните, но и со предупредувањата кои долго време ги упатувал тој.

– Долго предупредувам за ниското ниво на демократија во државата, непочитувањето на слободите и правата, употребата на пандемијата за зајакнување на авторитаризмот, недостатокот на отчетност на сите нивоа, злоупотребата на јавните средства преку концесии, јавно приватното партнерство, страшна ситуација која продолжува да ја убива надежта и да принудува се повеќе Албанци да ја напуштат земјата, да ја градат својата иднина надвор од Албанија, посочува тој.

Во врска со ова реагираше и лидерот на опозициската Демократска партија, Љуљзим Баша, според кого извештајот на Транспаренси Интернешнл за 2021 година потврдува дека „непријател на благосостојбата на Албанците е корупцијата”.

– Борбата против корупцијата денес е наш национален интерес, да ја ослободиме државата и нејзините институции од корумпираните. Иако мал грст луѓе се обидуваат да ја држат иднината како заложник, таа сега им припаѓа на Албанците, стои во објавата на Баша.

Индекс на перцепција на корупцијата за 2021 година: Македонија ја подобрува својата позиција во борбата против корупцијата

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот