Индекс на перцепција на корупцијата за 2021 година: Македонија ја подобрува својата позиција во борбата против корупцијата

Република Северна Македонија на листата според Индексот за перцепција на корупцијата на Транспаренси интернешнл за 2021 година се наоѓа на 87 место од 180 рангирани држави, со 39 од можни 100 поени, што е раст од четири поени и скок од 24 места во однос на минатата година. Сепак земјата останува под глобалниот просек од 43 поени, заедно со две третини од сите рангирани држави.

Директорката на Транспаренси Интернешнл – Македонија Слаѓана Тасева, презентирајќи ги наодите од ИПК за 2021 година на денешната прес-конференција, порача дека имаме подобрување, но не значи дека е многу добро и резултатот е се уште низок и сме далеку од тоа што сме биле во 2015 година, кога сме биле на 66 место.

Транспаренси Интернешнл открива дека земјите кои не ги почитуваат граѓанските слободи имаат понизок резултат на ИПК. Самозадоволството од борбата против коруцпијата дури и кога има видливи недостатоци води до зголемување на прекршувањата на човековите права и ја поткопува демократијата, поставувајќи неправилна крива.

„Човековите права не се најпријатното нешто да го имаш во борбата против корупцијата. Авторитарниот пристап ја уништува независноста на системот на спреги и кочници и ги прави антикорупциските напори зависни од елитата. Можноста луѓето да зборуваат слободно и да ја имаат моќта во свои раце е единствениот одржлив начин за општество без корупција”, изјави Делија Фереира Рубио, Претседателка на Транспаренси Интернешнл.

Според Тасева, ИПК за 2021 потврди дека и покрај усогласените напори и многу тешко освоени добивки, напредокот во борбата против корупцијата не може да се смета за конечен. Обемот на проблемот е огромен: глобалниот просек останува непроменет со оценка од 43 од 100 веќе десетта година, а две третини од земјите (123) имаат сериозен проблем со корупцијата и со оценка под 50 од 100 поени.

– Процесот на пристапување на Европската Унија во Западен Балкан и Турција – и потенцијално во некои источноевропски земји во иднина – нуди можност да се сврти падот во регионот. Веќе се гледаат први резултати, но владите во регионот мора да ги направат неопходните реформи, вклучувајќи создавање средина во која обичните луѓе можат безбедно да дејствуваат како контрола на злоупотребите на власта, нагласи Тасева.

ИПК рангира 180 земји и територии според перцепирани нивоа на корупција во јавниот сектор на скала од 0 (многу корумпирано) до 100 (некорумпирано). Средната ИПК оцена е 43 веќе десетта година по ред, а 2/3 од земјите имаа добиено под 50 поени.

Северна Македонија овогодинешното 87-мото место го дели со Косово, Колумбија, Етиопија, Гвајана, Мароко, Суринам, Танзанија и Виетнам.

Првото место на Индексот за перцепција на корупцијата го делат Данска, Финска и Нов Зеланд со по 88 поени, додека на 180 место е Јужен Судан со 11 поени.

Од земјите од регионот најдобро рангирана е Словенија, која се наоѓа на 41 место со 57 поени и пад од шест места во однос на 2020 година, кога била на 35 позиција. Потоа следи Грција, која е на 58 место со 49 поени, што е раст од едно место во однос на 2020 година.

Хрватска е непроменета на 63 место со исто 47 поени како и минатата година.

Следна е Црна Гора, која е на 64 место со 46 поени и раст од три позиции во однос на 2020 година, потоа Бугарија, која е на 78 место со 42 поени, што е пад од девет места наспроти растот од два поени во однос на 2020 година.

Северна Македонија е на 87 место со 39 поени, што е подобрување од четири поени и скок од 24 места во однос на минатата година. Косово е на 87 место со 39 поени, што е раст од 14 позиции во однос на 2020 година, потоа следи Србија, која е на 96 место со исто 38 поени, но со пад од две места во однос на 2020 година, па Албанија која е на 110 место со 35 поени, што е пад од седум места во однос на минатата година и Босна и Херцеговина, која е на 110 место со 35 поени, исто како и минатата 2020 година, но со подобрување од едно место на овогодинешниот Индекс за перцепција на корупцијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот