Менка Трајковска, боксерка: Му попуштам на противникот за да не изеде ќотек

Се соочував со предрасуди за боксот надвор од салата, дека е агресивен спорт и дека не е за жени.

Менка Трајковска 12 години се занимава со бокс. Вљубена е во овој спорт за кој воопшто не смета дека е брутален. Со целото искуство што го стекнала, сега е подготвена за самоодбрана и надвор од рингот, па не предизвикувајте ја да не добиете солиден ќотек. До неодамна вежбала по цели пет-шест часа дневно, а откако се зафатила со „Мое катче“, кое нуди рачно изработени декорации за детска соба, торбички за играчки, патики, облека, огради за креветчиња, шаторчиња за деца, перничиња и уште многу други креативни декорации, на боксот му посветува еден час, секојдневно. Инаку, онака како што го сака боксот, Менка си го сака и дизајнирањето, шиењето, набавките, и сè што е поврзано со работата на која ѝ е посветена. Мајка е на две мали дечиња во кои веројатно „лежат“ два големи идни боксери.

Секогаш им кажувам на жените дека ќе бидат позаштитени, самоуверени и физички добро ќе се оформат ако тренираат бокс.

Кога беше студентка на Педагошкиот факултет одлучи да започнеш со необичен спорт за една нежна и витка жена, боксот? Како дојде до таа идеја? Зошто бокс?

– Некако отсекогаш сум сакала екстремни спортови, но боксот најмногу, затоа што е елегантен спорт и има доста правила кои го држат да не биде брутален.

Претпоставувам дека одеднаш се најде во една машка „арена“. Како изгледаа првите часови, првите емоции, првите разговори со пријателките на оваа тема?

– Првиот тренинг беше екстремен и забавен, брзо се вклопив, можеби затоа што го сакав спортот. Иако само јас бев женско немав бенефиции при изведба на тренинзите, па морав да прескокнам мажи од два метра на јанино (кога е еден наведнат, а друг го скока од страна, н.з).

При ситуации на опасност или напад, со боксот си добро истрениран дали треба да реагираш и како.

Колку време ти беше потребно за да можеш да кажеш дека ја совлада боксерската техника? Колку често беше во салата?

– Тренерите доста ме фалеа дека за три месеци имам постигнато резултати колку што во просек би се постигнало за една година. На почеток тренинзите беа по два часа, но како што поминуваше време, почнав да вежбам по пет – шест часа на ден.

Како на тебе гледаа машките спортски колеги? Имаше ли поддршка? Постоеше ли попустливост?

– Мажите секогаш ми даваа предност, но и добар тренинг, знаеја да направат баланс.

Дали се соочи со предрасуди на оваа тема надвор од салата?

– Да, многу. Дека тоа е агресивен спорт, не е за жени, напорен е…

Дали си подготвена да се самоодбраниш надвор од боксерскиот ринг, во секојдневниот живот?

– Дефинитивно, понекогаш на противникот му попушташ или го игнорираш за да не изеде ќотек.

Би држела ли часови по самоодбрана на жени и што најпрво би ги научила на тие часови?

– Јас држев часови и ги мотивирав не само жените, туку и најмалите. Треба да знаат да се заштитат и да се чувствуваат сигурни.

Се чувствуваш ли посигурна во себе? Што разбуди боксот во тебе што можеби претходно не си знаела дека го носиш во себе?

– Баш тоа, сигурност и самодоверба. Постоеле ситуации на опасност или напад, со боксот си добро истрениран дали треба да реагираш и како.

Држев часови и ги мотивирав не само жените, туку и најмалите. Треба да знаат да се заштитат и да се чувствуваат сигурни.

Каде можеш да ги премериш боксерските сили во однос на натпревари за жени? Дали си ги премерила во рингот, се разбира, со жена?

– Тренинзите се одвиваат на спаринзи, се одбира партнер според катергоријата. Јас немав противник жена, па се „спарингував“ со мажи.

Активна си во промоција на боксот меѓу жените? Како им го доближуваш, како го објаснуваш овој спорт, за кои предности зборуваш?

– Да, веќе седум години сум активна на оваа тема. Секогаш им покажувам на жените дека ќе бидат позаштитени, самоуверени и физички добро ќе се оформат.

Имаш ли претстава, од прилика, колку жени во Македонија активно тренираат бокс?

– Не би можела да кажам со сигурност, но бројот за жал е премногу мал.

Одлично изгледаш, дали тоа се должи на тренинзите и точно ли е дека со половина час бокс се трошат повеќе калории отколку со час и пол трчање?

– Со боксот се активираат сите мускули на телото, како и мозокот. Една минута удирање во вреќа е многу понапорно од трчањето.

Секогаш за храната ме води мојот нутриционист.

Имаш ли специфичен режим на исхрана? Што е препорачливо една жена да јаде пред и после тренинг?

– Да, тоа оди парелелно со тренизите. Јас не би одвојувала некои посебни менија што да се јаде пред и потоа, затоа што тоа е идивидуално за секоја единка. Сè зависи од самиот организирам и здравствената состојба. Јас никогаш не одам на своја рака и секогаш за храната ме води мојот нутриционист.

Се крие ли боксерски талент во твоите две дечиња? Впрочем, од која возраст едно детенце може да почне со овој спорт?

– Двајцата имаат спортска интелигенција. Но не знам кој од нив би продолжил професионално да се занимава со боксот, децата знаат секогаш да изненадат. Вежбаме дома заедно и многу е забавно.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот