Никола Мемов / Фото: Влада на РСМ

Мемов: За две години пензиите се зголемија за 36 отсто

За период од нецели две години, од септември 2024 до март 2026 година, вкупното покачување на пензиите е 7.000 денари на месечно ниво или вкупно линеарно зголемување од 36 проценти – вели директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Никола Мемов. Минималната пензија за овој период, како што посочува Мемов, е зголемена за 61,75 процент, а просечната пензија за речиси 40 проценти.

– Ова претставува најголемо покачување на пензиите во последните 20 години, кое е резултат на политиките насочени кон подобрување на животниот стандард на пензионерите. Со ваквите мерки се покажува јасна грижа за највозрасните граѓани, а пензионерите стануваат еден од главните приоритети во социјалната политика. Со континуираното зголемување на пензиите оваа Влада испраќа порака дека стабилноста и грижата за пензионерите се темел на општествената одговорност и дека подобрувањето на нивниот стандард е клучен политички ефект за донесените економски и социјални одлуки – вели Мемов.

Посочува дека во вкупната сума што се користи за исплата на пензиите зголемувањето изнесува речиси 500 милиони евра повеќе во споредба со 2024 година.

 -Како пример, во септември 2024 година, кога е исплатена пензијата за август, исплатени се 7.210.341.000 денари. За исплата на мартовската пензија 2026 година, вкупната исплата на пензиите е 9,65 милијарди денари, што е за 2,44 милијарди денари месечно повеќе во споредба со септември 2024 година – појаснува директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот