Мелони збесна поради сметка од швајцарска болница за италијанските жртви во Кран-Монтана
Италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска остро критикуваше швајцарска болница за наводен обид да ги наплати трошоците од семејствата на некои од жртвите на катастрофалниот пожар што избувна во бар во алпскиот скијачки центар Кран-Монтана на Нова Година. Во катастрофата загина 41 човек, претежно млади луѓе и тинејџери, а уште 115 беа повредени. Неколкумина од нив беа од Италија.
Препорачано
„Разговарав со нашиот амбасадор. Швајцарските власти нè уверија дека станува збор за грешка и дека семејството нема да мора да плати ништо. Сепак, го замолив амбасадорот да го следи ова прашање со најголемо внимание бидејќи би било ужасно таквите трошоци да паднат на товар на жртвите или на Италија“, напиша Мелони во објава на „Икс“.
Мелони, исто така, изјави дека една болница во Сион побарала 70.000 евра за пациенти кои биле хоспитализирани само неколку часа, што таа го нарече „навреда згора на предизвиканата болка“.
Пожарот избувна во раните утрински часови на 1 јануари во барот „Ла Констеласион“, во луксузниот хотел, додека гостите го славеа доаѓањето на Новата година. Поради трагедијата, беше покрената кривична истрага против деветмина осомничени.
Меѓу нив се и сопствениците на барот, Французи, кои се соочуваат со обвиненија за убиство од небрежност, телесна повреда од небрежност и палење од небрежност.
Пожарот избувна кога шишиња шампањ со вклучени прскалки беа кренати премногу блиску до таванот во барот, по што се запали пената за звучна изолација. Дополнително јавно негодување предизвика и информацијата што општината ја откри на 6 јануари, според која барот немал поминато годишна инспекција за безбедност од 2019 година.
Идентификувана е најмладата жртва во трагедијата во Кран-Монтана, имала само 14 години


